
Учебната 2025/2026 година ќе продолжи според планираниот календар, без предвремено скратување или распуштање на наставата поради загадувањето на воздухот. Учениците ќе следат настава до крајот на месецов, по што ќе заминат на зимски распуст како што е предвидено.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека во моментов нема информации кои укажуваат дека здравјето на учениците е загрозено. Таа посочи дека не е проблем учениците да отсуствуваат ден или два од настава доколку имаат здравствени причини, но предупреди дека не треба да се повторуваат негативните практики од минатото.
„Во некои европски земји децата и кога имаат грип, одат во градинка или училиште сè додека нивното здравје не е сериозно загрозено. Ова го истакнувам поради коментарите дека нашите деца се преоптоварени – не, не се. Доколку здравјето е во прашање, лекарите и родителите ќе одлучат, но отсуство од ден-два не е проблем. Проблем е, како што се случуваше порано, скратување на учебните денови поради различни причини, што мора постепено да се надмине“, истакна Јаневска.
Таа нагласи дека секоја одлука ќе се носи во интерес на здравјето на учениците, но без неоправдано прекинување на наставниот процес. Изјавата беше дадена при нејзината посета на Економскиот факултет при УКИМ.