
Запишувањето вонредни ученици во средно медицинско се става во мирување со одлука на Владата. Целта, поквалитетен медицински кадар.

Министерството за образование и наука ги извести сите јавни средни училишта во државата кои имаат добиено верификација за изведување на настава од здравствена струка, дека запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија.
Претходно запишаните вонредни ученици продолжуваат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици пак, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, а согласно квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.
„Борбата“ за вработување ги испраќа медицинските сестри во Германија
Одлуката на МОН првенствено е од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар. За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени.
Исто така, оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.
Дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени.
Според вчера објавените информации, ова било барање и на Унијата на Здруженија на медицински сестри. Тие бараат дури ова да прерасне во законско решение, со што ќе се запре хиперпродукцијата. Според нив, потребни се сериозни образопвни програми, зошто со курсеви и дошколувања пропаѓале комплетни здравствени системи. Редовен пример стана многу лица, кои веќе се запишани во некое училиште, да се запишуваат вонредно на Медицина, па коростејќи партиски или други врски, се вработуваат во здравството. Од друга страна, медицински сестри со договор на дело не добиваат решение за вработување, па се одлучуваат да ја напуштат државата. Унијата излезе со податок дека од 2000 медицински сестри кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување, 1700 се со нерешен статус во здравствените институции, односно работат со догов0ор на дело.