
Неколку здруженија на граѓани од Струмица, Свети Николе, Куманово и Дебар направија истражување за функционирањето на Комисиите за еднакви можности во нивните општини. Генералниот заклучок од анализата е дека комисиите не функционираат на задоволителното ниво, и дека во текот на 2022 година се состанувале многу ретко.

Според анализата во комисиите има 60% жени и дел од нив ги раководат жени, но дел од нив речиси никогаш не одржале состанок. Комисиите на Куманово и Свети Николе не одржале ниту една седница, а сите анализирани комисии не ги објавуваат извештаите и записниците од евентуалните одржани седници.
Општина Куманово не предвидела ниту еден денар од буџетот за намалување на родовиот јаз, а ниту една од комисиите нема податоци за степенот на реализација на програмата за еднакви можности во рамките на нивната општина. Членовите на комисиите сметаат дека им е потребна дополнителна едукација за родово одговорно буџетирање, се вели во дел од анализата.
Слични се состојбите и во други општини кои не се опфатени во оваа анализа. На пример комисијата во Кочани имала само три средби, од кои последната е пред една година, а во Штип во 2022, повторно на иницијатива на невладините организации се организираше само марш за борба против родово базирано насилство.
Истражувањето е спроведено во септември и октомври 2022 година, а го анализира работењето на комисиите во периодот од декември 2021 до август 2022 година.
Целосната анализа може да се најде на следниот линк.