ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.04.2025
Ние ја сакаме Европа, ама не сакаме ред – во чест на Горан Стефановски

Ние ја сакаме Европа. Ја гледаме на разгледници, на реклами, на натписи со мали ѕвездички околу бројки и ветувања. Ја сакаме Европа како што се сака недостижна љубов: со многу надеж и малку разум. Но Европа, како што кажа Горан Стефановски, не е само дестинација. Европа е правила. Европа е обврска. Европа е здодевна, секојдневна дисциплина што не свети на билбордите.

Фото: Радио МОФ

Ние ја сакаме Европа-но, да останеме исти. Да паркираме каде ќе ни текне. Да ги заобиколиме законите со телефонски повик.
Да викнеме “зошто баш јас?” кога ќе нè фатат. Да, сакаме правда ама само кога ние сме оштетени.

Ние ја сакаме Европа за парите, за патувањата, за убавите фотографии на Инстаграм. Не ја сакаме Европа за чекањето на ред, за плаќањето даноци, за строгите инспекции, за казните што не простуваат. Ние ја сакаме Европа како што дете сака велосипед, ама да не треба да научи да вози.

А Европа гледа. И не чека. Нема да нè прими затоа што сакаме. Ќе нè прими само ако бидеме способни да играме според истите правила што ние сè уште ги гледаме како товар, а не како привилегија.

Стефановски ни ја кажа вистината. Ние уште ја носиме во себе како непријатен одраз што не сакаме да го погледнеме.

Ќе биде подобро, можеби. Но, само кога ќе сфатиме дека Европа не е надвор од нас. Европа или е внатре во нас или ја нема никаде.

Штип добива нова културна искра: „Очи на Шопов“ стартува на 9 мај!
Црвен крст ќе ги едуцира студентите на УГД за прва помош