
Најавата за изградба на нов објект за Факултетот за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Студентски дом со капацитет од 200 легла е нешто што дава нов импулс во развојот на УГД, но и на Штип и регионот.
Оваа најава беше поддржана и оценета како одлична вест, која пред се е значајна за студентите и на настанот „Партнерства и соработки“, со кој Универзитетот „Гоце Делчев“ одбележа 18 години од своето постоење. Идејата на овој настан беше да се покаже значењето на партнерствата и соработките кои УГД ги има со бизнис секторот, локалната заедница, како и со локалната самоуправа.
-Партнерствата и соработките со заедницата во која што функционираме, со локалните задници, и со индустријата, реалниот сектор, за нас се од огромно значење и сакаме да ја пренесеме пораката на сите членови и на академската заедница но и надвор од неа, дека тоа е можност да работиме заедно, да се усовршуваме заедно – рече ректорот на УГД, проф. Д-р Дејан Мираковски.
Мираковски ја поздрави најавата од Владата дека ќе се гради нов објект за Факултетот за медицински науки и Студентски дом. Според него, тоа е уште една потврда за важноста на партнерствата и соработките со сите сектори, институции и компании во државата.
На настанот „18 години УГД – Партнерства и соработки“ На три панел дискусии се говореше на теми:УГД и локалната заедница, УГД и бизнис секторот и Меѓународната соработка на УГД.
На панелите учествуваа Ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип, Градоначалникот на Општина Штип, Проректорот за инвестиции и развој, Проректорот за меѓународна соработка и претставници на бизнис секторот.