
Група граѓански организации денес ја најавија националната кампања „Кога се штеди на превенција – последиците се скапи“, со цел да се укаже на потребата од достапна и навремена превентивна здравствена заштита за сите граѓани. Кампањата ја спроведуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со ЕСЕ, Заедно посилни и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.

Организациите предупредуваат дека игнорирањето на превенцијата има висока цена – за жените, за семејствата и за целиот здравствен систем. Иако државата е должна да обезбеди бесплатно превентивно здравје, податоците покажуваат спротивна слика:
80% од жените плаќаат за гинеколошки услуги кои треба да бидат бесплатни. Само 30% од жените се опфатени со скрининг за рак на грлото на матката. Граѓанските организации откриваат многу повеќе ХИВ случаи во споредба со здравствените установи. 92% од жените Ромки не знаат дека имаат право на бесплатен гинеколошки преглед.
Кампањата вклучува видеа, инфографици и пораки од здравствени работници, со јасна цел: поголеми буџети за превенција и еднаков пристап до здравствена заштита, независно од приход, живеалиште или етничка припадност.
ХЕРА: Подобрување на здравствена заштита на жените, децата и ранливите групи
„Превенцијата не е трошок – таа е инвестиција во здрави животи,“ порачуваат организациите, повикувајќи институциите на конкретни мерки кои ќе го стават здравјето на граѓаните во фокусот на здравствените политики.
Кампањата е дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.