
Новата Стратегија за образование 2026–2032 има за цел да создаде поквалитетен и поинклузивен национален образовен систем, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска на јавна дебата одржана на Филозофскиот факултет во Скопје.
Според Јаневска, документот носи неколку клучни промени кои директно ќе влијаат врз учениците, наставниците и студентите. Фокусот е ставен на развој на нова програма за предучилишно образование, поголема инклузија во основното и средното образование, како и нови формули за финансирање на училиштата, со цел поправедна распределба на средствата.
Меѓу поважните најавени реформи се и подобрување на училишната инфраструктура, оптимизација на училишната мрежа и постепено воведување на едносменска работа – тема која со години е барање на ученици и родители.
Стратегијата предвидува и нов концепт на државната матура, кој треба повеќе да ги мери реалните знаења и вештини, а не само меморирање на факти. Дополнително, се најавува и развој и промоција на неформалното образование, како начин младите да стекнат практични вештини надвор од класичната училница.
Во делот на универзитетите и науката, документот најавува нова законска регулатива, со цел подобрување на квалитетот на студиите, истражувачката работа и поврзаноста со пазарот на труд.
„Имплементацијата на оваа стратегија ќе обезбеди поквалитетен национален образовен систем“, истакна Јаневска, нагласувајќи дека реформите се долгорочни и ќе бараат континуирана политичка и институционална поддршка.
Нацрт-верзијата на Стратегијата е изработена преку широк консултативен процес, со учество на Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, како и домашни институции како Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, универзитетски професори и граѓански организации.
По нејзиното објавување на ЕНЕР системот и вградувањето на дел од пристигнатите сугестии од јавноста, се очекува Стратегијата да биде официјално усвоена до крајот на јануари.