
Денеска започна учебната 2025/2026 година, а во училишните клупи седнуваат околу 245.000 ученици – од нив 177.800 се основци, а 67.200 средношколци, информира Министерството за образование и наука (МОН).
Иако училиштата ги пречекуваат првачињата со новитети во наставата, бројките откриваат продолжување на негативниот демографски тренд – во споредба со минатата година има речиси 2.800 помалку основци. На подолг рок, податоците се уште позагрижувачки: за една деценија, македонските училници изгубиле 28.000 ученици.
Министерството најави:
„Ги охрабруваме учениците со љубопитност да чекорат по патот на знаењето. Да бидат истрајни во предизвиците и да ги гледаат како можности за личен развој. Наставниците и сите вработени во училиштата се столбот на образованието и треба да продолжат заедно со родителите да го трасираат патот кон успехот на идните генерации“, порачаа од министерството.
Учебната година ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кај кои наставата завршува на 15 мај.