ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
30.01.2026
Нови 40 милиони евра за обнова на студентски домови и училишта
Автор: Goce Author

Владата најави ново задолжување од 40 милиони евра кај германската Кредитна банка за обнова (КфВ), со цел продолжување на проектот за енергетска обнова на студентските домови и образовните објекти. Предлог-законот е на дневен ред на денешната собраниска седница.

Со овие средства ќе се финансира втората фаза од Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација, кој веќе се спроведува во дел од студентските домови низ земјава. Освен домовите, во новата фаза ќе бидат опфатени и основни и средни училишта – ресурсни центри за ученици со попречености, како и ученички дом во Велес. Дел од парите се наменети и за реконструкција на мензата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Покрај заемот, проектот ќе добие и значителна грант-поддршка. Веќе се обезбедени 5,5 милиони евра грант преку WBIF-REEP+2 и дополнителни 1,25 милиони евра од КфВ, а се очекува и одлука за уште 10,4 милиони евра грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан, на почетокот на 2026 година.

Што конкретно ќе се реновира?

Парите ќе се користат за целосна енергетска обнова:

  • нови фасади и изолација

  • замена на електрични и водоводни инсталации

  • модерни системи за греење

  • ЛЕД-осветлување и фотоволтаици

  • подобрени санитарни услови

  • адаптација на просториите за лица со попречености

Кај училиштата со ресурсни центри се предвидува и изградба на лифтови и специјализирани простории за нега и поддршка.

Заемот ќе се отплаќа 15 години, со грејс период до 5 години. Каматата е варијабилна и моментално изнесува околу 3,48 проценти, со рок за повлекување на средствата до мај 2031 година.

Студентите влегуваат во обновени домови уште годинава

Веќе во текот на годинава студентите треба да се вселат во обновените домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“.
Во „Стив Наумов“ ќе има над 400 соби, вклучително и соби за студенти со попречености, додека „Питу“ ќе располага со еднокреветни, двокреветни, трикреветни соби и апартмани.

Целта на проектот е подобри услови за живеење и учење, помали сметки за енергија и поинклузивна инфраструктура за студентите и учениците со попречености – нешто што со години беше сериозен проблем во студентскиот стандард.

Студентите со поделени мислења за новите правила во студентските домови, но и со барања за подобри услови
Крај за „лајк, тагни пријател и добиј“ без правила? Македонија воведува нови услови за giveaway