Британскиот крал Чарлс трети денес ќе и се обрати на нацијата по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора на 96-годишна возраст.
Чарлс, кој побрза да биде покрај кралицата пред таа да почине во нејзиниот шкотски дом во четвртокот, отпатува назад во Лондон со сопругата Камила пред да се сретне со премиерот и да и се обрати на нацијата.
Сочувството од целиот свет продолжува да пристигнува до кралот и кралското семејство поради смртта на Елизабета Втора, монархот со најдолг стаж во Британија. Таа на светската сцена беше присутна седум децении. Во Лондон илјадници луѓе се собраа пред Бакингемската палата, а веста за смртта на кралицата беше проследена со молк додека знамето беше спуштено на половина копје. Многумина опишаа дека чувствувале шок од смртта на единствениот монарх што повеќето Британци некогаш го познавале.
The new King will officially be known as King Charles III https://t.co/SYEb9U6LgO
— BBC News (UK) (@BBCNews) September 8, 2022
Чарлс, кој автоматски стана крал на Обединетото Кралство и владетел на 14 други земји на Комонвелтот, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Нов Зеланд, рече дека смртта е момент на голема тага за него и неговото семејство.
„Длабоко жалиме за смртта на почитуваниот владетел и саканата мајка. Знам дека оваа загуба длабоко ќе се почувствува низ целата земја, кралството и Комонвелтот и меѓу безброј луѓе ширум светот“, рече Чарлс.
Новиот крал треба да се сретне со премиерката Лиз Трус пред да и се обрати на нацијата. Кралот ќе прогласи 12 дневна жалост, од денеска до ден по погребот на кралицата.