
Студентската организирана медицинска асоцијација (СОМА) избра ново раководство кое ќе го предводи здружението во наредниот период. На чело е Михајло Мирасчиев, студент по општа медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој со својот тим најавува нова етапа на раст и развој.
Освен што е посветен на студиите и идната медицинска кариера, Мирасчиев активно се занимава и со одбојка во ОК „Штип УГД“. Спортот, вели тој, му помогнал да ги изгради дисциплината, тимската работа и упорноста – вредности кои ќе ги пренесе и во студентското здружение.
„Спортот ме научи на дисциплина и тимска работа. Сакам СОМА да биде двигател на позитивни промени, не само на професионален туку и на личен план,“ изјави Мирасчиев.
Иако признава дека претседателската функција е предизвик и искуство надвор од неговата „комфорна зона“, тој гледа на тоа како можност за личен развој: „Предизвиците не се пречка, туку шанса за учење и унапредување.“
Новото раководство
Тим кој носи свежина и мотивација
Новото раководство е организирано во повеќе сектори: внатрешни и надворешни работи, проект-менаџирање и ИТ. Генерален секретар е Ангела Радева, додека функцијата благајник ја извршува Вања Несторов Андријевиќ. Во секторот за надворешни работи се вклучени Пела Митрева, Антонија Андоновски и Соња Московска, а за внатрешни работи ќе се грижат Викторија Баџуков, Матеј Бошковски и Вероника Кусакатова. Проект-менаџери се Ристе Дуев и Ангела Ѓуркова, додека ИТ секторот го сочинуваат Ванеса Крстева и Марија Јованова.
„Нашата најголема сила е свежината и искрената желба за нешто поголемо. Тоа што на моменти изгледа како наивност, всушност ни дава храброст да гледаме пошироко и да не се плашиме од нови предизвици,“ истакнува Михајло.
Визија: СОМА како расадник на таленти
Новото раководство планира да ја развива СОМА во здружение кое ќе биде препознатливо по создавање на здрава и поттикнувачка средина за студентите. Целта е организацијата да се изгради како вистински расадник на таленти, нивна промоција и поддршка.„Мојата мисија е СОМА да продолжи со раст и континуитет, но, и да стане расадник на таленти и поддршка за секој студент. Сакам СОМА да стане препознатлив предвесник на квалитетен кадар со кој ќе располага здравството, но, и пример за одговорна општествена заедница,“ нагласува претседателот.
Еден од приоритетите ќе биде вклучување на студентите кои досега не биле активни во здружението. За нив ќе се отворат можности преку едукативни, културни и социјални активности, во кои секој ќе може да најде своја улога.
„Веруваме дека со отворена комуникација и охрабрување, ќе изградиме чувство на припадност и пасивните членови ќе добијат мотив да станат активни,“ вели Мирасчиев.
Визијата на новото раководство е за пет години СОМА да се позиционира како професионално и структуирано здружение кое поставува стандарди во студентското организирање. „Со транспарентност, ефикасност и добро организирани сектори, ќе создадеме трајни проекти што ќе остават белег во студентската и пошироката заедница,“ заклулува Михајло Мирасчиев.