ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.12.2024
Новогодишни ветувања vs реалност

Здраво, јас сум Даница Среткоска и ова е мојот став:

Нова година – нови ветувања, исти заблуди. Сите сме го поминале тоа: се ближи полноќ, чашите се кренати, а ние ентузијастично ветуваме дека од 1 јануари ќе станеме најдобрата верзија на себе. „Ќе ослабам, ќе почнам да тренирам, ќе штедам пари, ќе го намалам времето на телефон.“ Звучи одлично, нели? Но, што навистина се случува кога ќе поминат првите неколку недели?

На почетокот сè изгледа лесно. Веќе на 2 јануари сме во теретана со нови патики, тефтерот за трошоци е подготвен, а мобилниот телефон стои на „screen time“ лимит. Но, реалноста има свој начин да нè врати на земја. Првиот ден без тренинг? „Нема врска, утре ќе вежбам.“ Првата импулсивна куповина? „Овој пат ќе си простам.“ И така, еден по еден, ветувањата се топат како снегот на пролет.

Многумина од нас во листата на новогодишни ветувања додаваат и одлука за отстранување на „лажните пријатели“ – оние што со години ги толериравме, но длабоко во себе знаевме дека не ни носат ништо добро. Тоа се оние кои секогаш се тука кога им е потребно нешто од нас, но ретко кога за возврат. Оние кои повеќе критикуваат отколку што поддржуваат, кои наоѓаат начин да ни ја намалат самодовербата или кои исчезнуваат кога нам ни треба помош.

Реалноста е дека ваквите односи може да бидат тежок товар што го носиме со години, а одлуката да се ослободиме од нив бара храброст. Првиот чекор е најтежок – да се спротивставиме на стравот од осаменост или од потенцијален конфликт. Но, токму ослободувањето од лажните пријатели е најголемиот подарок што можеме да си го дадеме.

Главниот проблем е што очекуваме драстични промени преку ноќ. Понекогаш, одлуката да прекинеме токсични односи нè удира на носталгија или вина, па брзо се враќаме на старите модели. „Можеби не е толку лош/а,“ си велиме, заборавајќи зошто сме ја донеле таа одлука на прво место.

Отстранувањето на лажните пријатели не мора да биде драстичен потег. Може да започнеме со поставување граници. Помалку време заедно, помалку споделување лични работи, повеќе насочување кон оние кои вистински ни значат. Како што велат: „Твојот круг не мора да биде голем, само искрен.“

Важно е и да прифатиме дека нема да бидеме совршени. Ќе имаме денови кога нема да ги исполниме плановите – и тоа е сосема во ред. Клучот е да продолжиме, наместо да се откажеме. Како што велат: „Повеќе вреди да направиш нешто половично, отколку да не направиш ништо.“

На крајот, Новата година е само датум, а вистинските промени се случуваат кога ќе бидеме спремни да се посветиме – без разлика дали е 1 јануари или 20 јули…

Празниците: мост меѓу традицијата и модерното време
Гласот на младоста: Студентскиот протест како двигател на промени