
Еве нѐ собрани околу масата на “прогресот”, со моливчиња и боички, да цртаме ново знаме за Република Северна Македонија. Зошто? Па, секако, старото ни е “премногу македонско“ за вкусот на новото време!
Сонцето од Кутлеш, со своите зраци што шепоти за Александар, за Илинден, за вековната борба-е, тоа веќе не оди. Сега ни треба знаме што ќе ја слави…што всушност? “Новата Македонија”? Оу, ајде да видиме каква би била таа шарена лага!

Нашето знаме, она црвено-жолто со осумте зраци, не падна од небо. Тоа е компромис од 1995 година, кога моравме да го “скротиме” нашиот идентитет за да не им боде очи на соседите. Но, дури и тој компромис е премногу за некои. Зошто? Затоа што сонцето од Кутлеш се‘ уште зрачи со македонска гордост. Се’ уште зборува за народот што не се предава.
И токму затоа, во 2025 година, кога се’ е на продажба, некој повторно би сакал да го замени знамето со нешто “поприфатливо”. Нека биде безбојно, бездушно, нека не потсетува на ништо. Нека биде знаме на “новата Македонија”-онаа што ја кројат бирократи во Брисел и локални ентузијасти за “соживот” на сметка на сопствениот народ.
Ајде да си поиграме со оваа фарса. Новото знаме на “Република Северна Нешто-Си” би било вистинско ремек-дело на модерната апатија. Замислете: сива позадина-зашто сивото е толку инклузивно, нели? Ништо не значи, па никого не навредува. Во средина, некој апстрактен круг, да речеме во беж, за да изгледа “неутрално”.
Без сонце, без црвено, без ништо што асоцира на македонската душа. Можеби некој бар-код во аголот, за да не’ потсетува дека сме само бројка во глобалниот каталог. И, секако, нека пишува “Северна” со големи букви, за да не заборавиме на географската лекција што ни ја наметнаа. Прекрасно, зар не? Совршено за земја што треба да заборави која е, и од каде доаѓа.

Но, знаете што? Нема ново знаме. Нема “нова Македонија”. Македонија е една-на Гоце, на Карев, на Питу Гули, на секој што дал крв за да го видиме сонцето над Охрид, над Шара, над Пелистер. Нашето знаме не е само парче платно. Тоа е приказна на народот што одбивал да клекне, дури и кога сите околу него барале да се откаже од себе. Сонцето е нашата тврдоглавост, нашата душа, нашиот вресок против оние што сакаат да не’ претворат во геогравска белешка.
Тоа е знамето што го вееме од Крушево до дијаспората во Торонто, од Тетово до Пирин, и нека е јасно, сонцето не го даваме за ниту една беж крпа! И кажете им на тие со боичките, да си ги чуваат идеите за некој друг.
Револуционери на Илинден и на 16 години гинеле за Македонија
Нашето црвено-жолто знаме не е за редизајн, не е за компромис, не е за продавање.
Тоа е за Македонија, не “северна”, не “нова”, туку вечна. Тоа е знамето на македонскиот народ што го носиме дури и кога светот ни вели да се откажеме.
И тоа знаме ќе се вее високо до височините на синото небо. А тие нека си цртаат за “северна”-ние си имаме за Македонија.