ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.11.2024
Нутриционистка: „Здравиот начин на слабеење е најдобар избор“

Во време кога социјалните мрежи го обликуваат начинот на кој го доживуваме телото и здравјето, младите и возрасните се под силен притисок да изгледаат „совршено“. Брзите методи за слабеење, кои често се промовираат онлајн, можат да бидат опасни и далеку од здрави. За да дознаеме како можеме да постигнеме здраво и одржливо слабеење, разговаравме со нутриционистката Бојка Динева Јовановска.

Со 14 години искуство и многу совети за урамнотежен животен стил, таа ни открива како да се заштитиме од нереалните стандарди и да го негуваме нашето здравје природно.

Бојка Динева Јовановска

Како социјалните мрежи влијаат врз младите и возрасните во однос на слабеењето?

„Ова е осетлива и важна тема за сите нас. Социјалните мрежи се преполни со слики на ‘совршени’ тела, а младите, особено тинејџерките, лесно подлегнуваат на притисокот. Понекогаш, со само еден клик, се впуштаат во брзи методи за слабеење, што е опасно и далеку од здраво.“

Што би им препорачале на младите за да се заштитат од нереалните стандарди на убавина кои ги наметнува интернетот?

„Препорачувам читање книги за здравје, прошетки во природа, и дружба со природни производи како овошје, зеленчук и вода. Овие намирници се златни за здравјето. Виткоста и здравјето можат да се постигнат само преку природен начин на исхрана и живот.“

Кои се вашите препораки за здраво слабеење?

„Се фокусирам на природната храна: свежи плодови, зеленчук, вода, мешунки и безглутенски житарки. Треба да се дружиме со сè што доаѓа од мајката природа. Младите често прават грешки кога гладуваат и користат препарати за брзо слабеење, што може да доведе до јо-јо ефект.“

Кои се најздравите навики за исхрана и физичка активност?

„Исхраната треба да биде избалансирана. Препорачувам појадокот да биде со свежо овошје и зеленчук, ручекот со свежа салата, и да се избегнува храна по 19 часот. Важно е и редовното миење и квалитетот на храната.“

„Што се однесува до физичката активност, најдобро е прошетки во природа и позитивна дружба со луѓе. Насмевката е пола здравје.“

Кој е вашиот совет за сите девојки и жени?

„Секое утро погледнете се во огледало и кажете си: ‘Јас сум новата јас! Јас можам, сакам, и ќе успеам.’ Верувајте во себе – тоа е клучот до успехот.“

Авторка: Љиљана Мишева

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите