
МОН го објави Конкурсот за запишување на ученици во средното образование во учебната 2022/2023 година.
Фото: Миа
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни. Поднесувањето пријави на учениците ќе се врши преку електронско аплицирање, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наукаhttps://e-uslugi.mon.gov.mk соспецијална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk
Термините за пријавување се: прв рок 14 и 15 јуни, втор рок 21 и 22 јуни и трет рок 28 јуни.
Со Конкурсот за запишување ученици во средното образование во учебната 2022/2023 година е утврдена можноста за запишување ученици според наставните планови и програми за: гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Условите за запишување на учениците во прва година се: – да имаат завршено основно образование; – да не се постари од 17 години; – да се определиле за план и програма за еден од следните видови образование:
а) гимназиско образование;
б) стручно образование и обука;
в) средно уметничко образование;
г) средно образование за ученици со посебни образовни потреби; – да ги исполнуваат критериумите утврдени со овој Конкурс.
Критериуми за избор на учениците се: − среден успех на ученикот од VI до IX одделение; − среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката); − дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје; − средна вредност од поени добиени за поведение од VI до IX одделение.