
Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, во рамките на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, го промовираа Речникот на медиумската писменост. Ова лексикографско издание е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се појавија во дигиталната ера и новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн-сферата.
„Целта на креирањето на оваа онлајн публикација е да се пополни празнината со којашто со години наназад се соочуваат медиумските професионалци, јазичарите, комуниколозите, наставниците, но и сите корисници на медиумите. Затоа го создадовме овој речник којшто има две главни карактеристики: интердисциплинарност и обид да се држи чекор со развојот на новите технологии“, рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, којшто го координираше создавањето на публикацијата.
Михајло Лахтов, директорот на Проектот за УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ со којшто медиумската писменост стана дел од формалното образование, рече дека овој ресурс ќе служи како примарна јазична база за сите едукатори, наставници во основното, средното и високото образование, за новинарите, медиумите, учениците и студентите, родителите.
„Кога креирате наставна програма за ученици од основно и средно образование, кога обучувате наставници, кога правите обуки за новинари, за студенти и млади луѓе, повеќе од потребно е да изградите унифицирана база на термини и клучни поими кои ќе се употребуваат во најразлични сфери, како на пример што е новинар, што е медиум, што е дезинформација, што е пропаганда итн.“
Емил Ниами, главниот редактор на Речникот објасни дека тој содржи толкување на повеќе од 700 поими од областа на медиумската писменост, комуникологијата, новинарството, лингвистиката, филозофијата, антропологијата, правото, економијата итн. Достапен e како онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиска варијанта. Кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики итн.), со цел корисникот да добие целосна претстава за самиот термин. Со оглед на тоа што станува збор за специфична интердисциплинарна материја, во неговото креирање учествуваа 15 докажани теоретичари и практичари од различни области и образовни институции.