ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.02.2023
Објавена мапа на ризични подрачја за земјотреси – видете каде се наоѓа Македонија
Автор: Goce Author

Серија разорни земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, погодија делови од југоисточна Турција и северна Сирија.

Бројот на жртвите достигна 38.000, додека експертите проценуваат дека ќе биде најмалку двојно поголем. Но, на експертската јавност веќе извесно време и е познато дека ова подрачје е во „црвената зона“ кога се во прашање земјотресите, бидејќи таму се спојуваат две тектонски плочи, анадолската и арапската.

Иако смртоносните земјотреси не се толку чести во Европа како во другите делови на светот, релативно често се случуваат посилни потреси. Меѓу најзагрозените делови на Европа се Италија, Балканот, Грција, Бугарија, Романија, но и европскиот дел на Турција.

Меѓу портокалово – црвените зони се наоѓа и подрачјето на Македонија.

Во 2014 година, истражувачите во проектот SHARE финансиран од ЕУ создадоа мапа на која се прикажани делови од Европа со висок ризик од земјотреси. За да ја создадат мапата, истражувачите користеле податоци од повеќе од 30.000 земјотреси со јачина поголема или еднаква на 3,5 степени според Рихтеровата скала што се случиле во Европа.

Европската карта за сеизмичка опасност покажува сеизмичко движење на тлото што се очекува да се случи со 10 проценти веројатност на отстапување во следните 50 години.

Сино-зелените бои означуваат области каде ризикот од земјотреси е релативно низок, жолтите и портокаловите бои означуваат области со умерен ризик, а црвените означуваат области со висок ризик.

Најголемите земјотреси во Европа главно се случуваат на тектонските разделни линии, кои се протегаат од Исланд во северозападниот дел на Европа, кој се наоѓа на средно – атлантскиот гребен, до зоната на разделот на Северна Анадолија во Турција на југоисток.

Балканските и медитеранските земји, како и Турција, со многу погусто население кое живее во региони со висок ризик, имаат долга историја на разорни и смртоносни земјотреси.

Еден од нај изненадувачките земјотреси во Европа во последниве години беше земјотресот во Загреб со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди хрватскиот главен град на 22 март 2020 година и се здоби со репутација на најголемиот земјотрес во Загреб во последните 140 години.

Најразорниот земјотрес во запишаната европска историја го погоди теснецот Месина во јужна Италија во 1908 година, уништувајќи ги градовите Месина на Сицилија и Реџо ди Калабрија на италијанското копно.

Земјотресот со јачина од 7,1 степени и цунамито предизвикаа околу 100.000 смртни случаи. Економската штета беше значителна, бидејќи Месина беше важно пристаниште на Средоземното Море.

Најголемиот земјотрес во Европа во последните години беше земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што се случи на 17 август 1999 година во Деринче, Турција, на помалку од 100 километри југоисточно од Истанбул. Повеќе од 17.100 луѓе загинаа, а повеќе од 45.000 беа повредени. Предизвика и цунами во кое загинаа 155 луѓе.

Во изминатите 100 години во регионот до 100 км од границите на Македонија имало околу 27 потреси со магнитуда што надминува 6 степени според Рихтеровата скала од кои два биле со магнитуда повеќе од 7. Најсилен бил земјотресот од 1904 г. во регионот меѓу Пехчево и Кресна (сега соседна Бугарија), а потоа следува земјотресот кај Валандово во 1931 г. Најголем број човечки жртви и материјални штети имало во Скопскиот земјотрес од 1963 г. Настанатите земјотреси се групираат во три региони, по должината на границата со Албанија и по долините на Вардар и на Струма.

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање