Објавена е поетската книга „Антарес“ од младиот македонски поет Матеј Фенер, а во издание на „Бата прес“. Збирката поезија е поделена на пет циклуси, а во секој циклус има по 16 песни.
Тој е поет кој сака да направи спој на традиционалното и метафизичкото.
„Матеј Фенер е освежување во македонската поетска сфера. Неговата определба се семиотиката и знаците на тајното писмо. Тој се претставува како поет кој се среми да направи синтеза на традиционалното и метафизичкото. Низ лирската вокација со богат спектар на асоцијации, стиховите сами ќе си ги пронајдат своите рефлексии кај читателите, кои со големо задовлство ќе ги откриваат тајните поетски знаци. Пред сѐ, тоа се знаците на поетот кој егзистира низ вековите, бидејќи и светот е постанат од зборот.“, пишува во својата рецензија, поетот и книжевен критичар, Мирче Нешовски.
Објавувањето на книгата Антарес од Матеј Фенер е помогнато од Министерството за култура.
Инаку, Фенер е роден во Скопје на 29.11.1996 година. Основното и средното образование ги завршува во родниот град. Високото образование го стекнува во Прага на Филолошки факултет. Објавувањето на дел од неговите песни започнува во средно училиште, во периодичните списанија, а во последниве неколку години објавува стихови и во електронските списанија и медиуми.