ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.03.2024
Обид за киднапирање или кафе за недоразбирање – случајот од Карбинци два месеца подоцна
Автор: Goce Author

Јасно.мк ексклузивно имаше увид во документацијата на Јавното обвинителство. Настанот се случил како последица на комуникација на другарка на девојчето, чија фотографија ја покажало момчето од Скопје.

Во истрагата било утврдено дека другарка на ученичката што била повикувана да влезе во возилото, 2-3 недели комуницирала со момчето од Скопје, со кое се запознала онлајн по прифаќањето покана за пријателство на Фејсбук и на Инстаграм. Незадоволна од својот изглед, за кој често и била предмет на подбивање, девојчето на момчето од Студеничани му покажала фотографии од својата другарка, претставувајќи се дека е таа, дека е повозрасна и дека учи во средното медицинско училиште во Штип. Со тоа ја наместила својата другарка, која наводно подоцна беше мета на киднапирање.

Комбиња со странски регистрации, кои кружат низ градовите и киднапираат деца. Страв од можноста токму вашето дете да биде мета на некои грабнувачи. И најчесто, истото комбе, истата приказна за грабнувачи што ги демнат децата се повторува за Скопје, Прилеп, Битола, Радовиш, Штип… Како по шема.

Алкохолот е опасен за мозокот на младите луѓе

Тоа што најчесто станува збор за фотографии што се снимени на сосема други локации, далеку од Македонија, и што никако не може да се тврди дека се поврзани со какво било демнење или намера за киднапирање, тоа е уште една страна на приказната, поврзана со фантастичното брзо фабрикување и ширење дезинформации, особено на социјалните мрежи.

Ова посебно се интензивира кога имаме случај, кој оди во прилог на ваквите „приказни“ и кој силно одекнува и привлекува внимание во јавноста.

Класичен пример се случи во Македонија на крајот на ноември и во почетокот на декември лани, кога исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска заврши трагично. На 3 декември 2023 година, таа беше пронајдена убиена близу Скопје. Тоа беше стравичен шок за јавноста, која реагираше со жестока осуда и барање за правда, но и повици за линч подоцна, кога веќе се објави идентитетот на можните сторители.

Два дена по објавувањето на веста за наоѓањето на безживотното тело на малата Вања, на 5 декември, јавноста повторно на предизвик, или, може да се каже, на нов, отворен „повик“ за делење правда, посебно на социјалните мрежи.

Фото: Јасно.мк

Некаде рано претпладне, со брзина на светлината, преку локалните телевизии во Штип, молскавично се прошири веста за киднапирање, поточно обид за киднапирање во основното училиште „Страшо Пинџур“ во малата Општина Карбинци.

Според објавеното во директни стриминзи на социјалните мрежи, непознати момчиња влегле во училишниот двор, на некој од учениците му покажале слика од девојче што учи во училиштето, девојчето дошло и наводно имало обид да влезе во возилото, но неуспешен. Очекувано, експлозија од реакции на социјалните мрежи, страв, гнев и обвинувања.

Секако, во најделикатна ситуација беа родителите на учениците во училиштето, кои слушнале дека има киднапирање на девојче, а не знаат кое е девојчето, бидејќи може да е токму нивното дете.

ТРКА ЗА ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ПОЛИТИКАТА ГИ ИСКОРИСТИ

Следуваше трка за информации, со вклучувања од пред училиштето, се јавија и некои национални медиуми, а јавноста вриеше. Како врв на сѐ, дојде и политичкиот момент, во кој на политичко-партиско ниво како да беше најважно за некого случајот да не се третира како киднапирање, а за некого да биде токму тоа. За појаснување, на локално ниво во Карбинци и во Штип, на власт е ВМРО-ДПМНЕ, а на државно СДСМ. Општината и училиштето се под ингеренции на ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, МВР под ингеренции на СДСМ.

За Министерството за внатрешни работи, официјално, нема обид за киднапирање, за училиштето и за градоначалникот има. Се чини, сите како да подзаборавија на тоа како сите тие информации влијаат врз јавноста, иако, мора да се признае, сите го сакаа најдоброто – да се расчисти случајот. Родителите дури изјавуваа дека нема да ги пуштаат децата на училиште, додека не се гарантира безбедноста.

Повеќе од два месеца по настанот, интересот на јавноста го нема, а ние се обидовме да ги вратиме дел од актерите назад, за да видиме каква поука можеме да извлечеме од случајот.

Фото: Јасно.мк

Директорката на ОУ „Страшо Пинџур“ Карбинци, Наталија Костова, уште со вознемиреност се сеќава на настанот. Вели дека откако девојчето дошло кај неа видно вознемирено и ѝ кажало за настанот, веднаш пријавила во полиција, а и побарала упатство како да постапи.

„И денеска пак би постапила исто, бидејќи ученичката дојде вознемирена, ми кажа дека некое момче ја повикувало да влезе во автомобилот, но таа одбила. Пријавив во полиција, а веднаш ги побарав и снимките од надзорните камери за да ги видиме регистарските ознаки на автомобилот. Голем беше притисокот од медиумите за изјави. Во таква ситуација, мислам дека во брзањето да се добие изјава за настанот, се создаде страв кај јавноста и кај родителите. Ние уште дававме изјави и работевме со полицијата, обвинителите и со инспекторите, а јавувањата за изјави беа интензивни. По настанот организиравме средба со родителите, разговаравме за настанот, со цел да ја зголемиме безбедноста.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, исто така, вели дека во ситуација во која во училиште, во општината се случил таков настан, нормално е да се пријави и да се бара реакција од надлежните. Поради тоа одговорил на барањата на медиумите за изјави, потврдувајќи го она што го знаел за настанот и барајќи реакција од надлежните за расчистување.

Според него, не треба да има политизирање, и, иако дури јавно беше побарана одговорност за дадените изјави, вели дека пак би постапил исто, во интерес на безбедноста на учениците и жителите на Општина Карбинци.

Од МВР тогаш беше изјавено дека нема обид за киднапирање, туку дека младо машко лице поканило девојка на кафе, која одбила и пријавила кај директорката. МВР апелираше до граѓаните да не наседнуваат на вакви непроверени информации, а и да се избегнат дневно-политичките шпекулации.

Од оваа временска дистанца, ставот на МВР е дека се постапило според сите законски одредби, се спровеле сите потребни мерки и постапки со другите надлежни институции при што се заклучило дека нема кривично дело.

ВИНАТА Е КАЈ ДРУГАРКАТА НА ДЕВОЈЧЕТО, КОЈА СО НЕЈЗИНА ФОТОГРАФИЈА КОМУНИЦИРАЛА СО МОМЧЕТО ОД СКОПЈЕ

Патот до пеколот е поплочен со најдобри намери – ова се чини се потврдува и во овој случај. Сите инволвирани се со најдобри намери, но по сѐ изгледа потребата и тенденцијата кон брза информација ги доведе сите во ситуација да придонесат за создавање простор за ширење страв кај јавноста.

Дека не постојат обележја за сторено кривично дело и нема место за јавна обвинителска интервенција, во својата одлука утврдило и Основното јавно обвинителство. Во јавноста не излегоа дел од информациите, кои беа многу важни за случајот и ја фрлаат вистинската светлина, која, пак, укажува на тоа дека треба многу да се внимава на тоа што прават децата на социјалните мрежи, колку се таму отворено ранливи и (не)заштитени.

Основното јавно обвинителство во Штип, заедно со полицијата, има преземено повеќе мерки и активности по кои е утврдено дека нема кривично дело обид за киднапирање.

Јасно.мк ексклузивно имаше увид во документацијата. Настанот се случил како последица на комуникација на другарка на девојчето, чија фотографија ја покажало момчето од Скопје. Во истрагата било утврдено дека другарка на ученичката што била повикувана да влезе во возилото, 2-3 недели комуницирала со момчето од Скопје, со кое се запознала онлајн по прифаќањето на покана за пријателство на Фејсбук и на Инстаграм. Незадоволна од својот изглед, за кој често и била предмет на подбивање, девојчето на момчето од Студеничани му покажала фотографии од својата другарка, претставувајќи се дека е таа, дека е повозрасна и дека учи во средното медицинско училиште во Штип.

И понатаму интензивно продолжиле со комуникацијата, па дошло до тој обид, момчето да ја пронајде, и токму поради тоа ја покажал фотографијата на девојката, која во јавноста беше претставена како жртва на обид за киднапирање. Патем речено, во својата изјава, оваа девојка кажала дека немало никаква закана од момчето – ниту некаква сила, ниту, пак, вербална закана, но се исплашила од поканата и избегала кај директорката и пријавила.

Фото: Јасно.мк

Во целиот случај, во јавноста се создаде и претстава дека МВР не го пронашла момчето, но вистината е дека тоа е идентификувано и пронајдено, со него е извршен разговор и потврдени се наодите од изјавите на девојката што лажно се претставила. Тој тргнал да ја бара врз основа на пораките што ги размениле, ја барал и во медицинското училиште, но не ја нашол и дознал дека учи во Карбинци. Интересно е дека и девојчето што беше во центарот на вниманието за случајот, имало покани за пријателство на социјалните мрежи од истото лице, но ги одбило и за тоа ги известило родителите.

Дали и колку можело да се постапи поинаку, останува навистина нејасно. Се чини дека во брзањето да се добие информација за одреден настан, под притисок се ставаат лицата од кои се очекуваат изјави и, и покрај најдобрите намери, ефектот се нецелосни и неточни информации. Ефектот, пак, кај јавноста е крајно негативен. Таа бргу ќе заборави дека вистината, всушност, и не била презентирана комплетно и ќе чека нов случај, во кој ќе суди и пресудува. До следниот случај.

Автор на текстот: Тони Михаилов

Текстот оригинално е објавен на платформата Јасно.мк, а целосниот текст може да се најде на следниот линк.

Судбината на штипската болница ќе се знае во октомври/ноември – министерството подготвува документација
Локалните радиостаници во Македонија пред голем предизвик