При изборот на факултет, покрај условите за студирање, за студентите важни се и други нешта. Меѓу другото, колку после завршувањето на студиите ќе можат да бидат ангажирани токму во струката во која се образувале, но и во истата да можат да започнат и свои бизниси.
Ова е дел од одговорите на студентите и младите во анкета на goce.mk кога станува збор за применливоста на добиените знаења во пракса и нивното значење во отворањето сопствени фирми. На оваа тема во „Соба за дискусија“ одлучивме да зборуваме за еден карактеристичен регион во Македонија – тиквешкиот, каде главна дејност е лозарството. Токму поради тоа, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Кавадарци има дисперзирани студии на Земјоделскиот факултет, со насоката енологија. Праксата покажува дека овој потег е од значење за многу млади кои сакаат да ја продолжат семејната традиција на производство на вино или ракија, но и за ангажман во големите компании, на одговорни места во производството. На овие теми разговаравме со Блаже Стојановски, дипломиран студент кој ја продолжува семејната традиција со функционирање на мала винарија и проф. д-р Виолета Иванова Петропулос од Земјоделскиот факултет на УГД. Дека можностите се и со ангажман во големите компании ќе видиме низ примерот на постдипломецот на УГД, Борис Нечев, главен енолог во винаријата „Бовин“.