ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.04.2022
Објавен регистер на компаниите со А и Б еколошка дозвола
Автор: Goce Author

Екоактивистите во Македонија во борбата за заштита на животната средина често пати реагираат на почитувањето на еколошките дозволи кои ги имаат компаниите.

Неретко се изразуваат и сомневања во условите кои се пропишани со тие дозволи, а од дел од локалните самоуправи (последен пример Кочани) се најавуваше и објавување на регистер на загадувачи. Во меѓувреме, како прв чекор во таква насока на државно ниво, Министерството за животна средина и просторно планирање објави дигитален регистар на компаниите кои имаат А или Б интегрирана еколошка дозвола.

Сите компании кои поседуваат А или Б-интегрирана еколошка дозвола од денеска се објавени како дел од дигиталниот регистар што го изработи Министерството за животна средина и просторно планирање.

На веб страната https://registers.mk поставени се дигитализирани и мапирани информации на повеќе од 450 страници, со имиња, адреси и дејност на субјекти, како и индустриите во кои работат. За секоја компанија е поставен и линк до архивата на Министерството во која се наоѓаат информациите од кога е издадена дозволата и сите дополнителни документи кои се вклучени во неа, а изработена е и мапа со точната локација каде се наоѓа инсталацијата.

По еколошките дозволи, објавување на јавни објекти кои користат нееколошки енергенси за затоплување

Целта на објавувањето на регистерот, информираат од Министерството за животна средина, е навремено и транспарентно информирање на јавноста за носителите на овие дозволи.

„Платформата е изработена во рамки на Министерството и ќе биде достапна на македонски, албански и англиски јазик“, велат од Министерството за новинската агенција Мета.
———————————————————————————————————————————————————–
———————————————————————————————————————————————————–

А-интегрираните дозволи се наменети за големите индустриски субјекти и ги издава Министерството за животна средина, додека Б-интегрираните дозволи ги издаваат локалните самоуправи. Интегрираното спречување и контролата на загадувањето е регулирано со Законот за животна средина кој го пропишува режимот на издавање на еколошки дозволи за одредени видови на индустриски активности како што се металургијата, енергетиката, хемиската индустрија, но и активности од земјоделието и управувањето со отпад. Целта на издавањето на интегрираната дозвола е целосно да се опфатат и регулираат сите влијанија врз животната средина кои се резултат на индустриски активности.

Во насока на зголемување на транспарентноста и достапноста на информации до јавноста, од Министерството велат дека следната недела ќе биде јавно достапна и веб страница со податоците и мапа на јавни објекти коишто користат нееколошки енергенси за затоплување.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?