
Австралија од следната година го забранува увозот на вејпови за еднократна употреба во обид да ја спречи зависноста од никотин кај децата.
Воедно се воведуваат и нови закони со кои ќе се спречи производство, рекламирање и испорака на вејповите за еднократна употреба. Во Австралија се дебатира за целосно укинување на вејповите.
Користењето вејп е обележано како начин за полесно откажување од цигари, но министерот за здравство на Австралија вели дека наместо тоа, се создаде „нова генерација на зависници од никотин“.

Image by Racool_studio on Freepik
Вејповите или електронските цигари се уреди кои се напојуваат со литиумски батерии кои имаат патрони со течност што може да содржи никотин, вештачки ароми или низа други хемикалии.
Австралија во 2021 година забрани купување или увезување на вејпови и електорнски цигари без рецепт од лекар, но и покрај тоа постојано растат стапките на зависност.
Студија од Универзитетот во Сиднеј претходно годинава покажа дека речиси четвртина од тинејџерите на возраст од 14 до 17 години користеле вејп. Паралелно, истражување на добротворната организација од Советот за рак во Австралија откри дека девет од десет тинејџери на оваа возраст лесно може да дојдат до никотински вејп.
Министерот за здравство изјави дека забраната за увоз на вејповите за еднократна употреба ќе започне од 1 јануари, а до март ќе се забрани и увозот на нетерапевтските вејпови за повеќе употреби.