ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.05.2022
Од догодина државна матура во спортски сали и амфитеатри
Автор: Goce Author

Препишувањето на екстерните испити на државна матура најверојатно ќе се реши со полагање во големи објекти – спортски сали и амфитеатри. Ова го најави директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска, пренесува Мета.

Предлогот е екстерните испити од државната матура в година да се полагаат во спортски сали и во амфитеатри за да може максимално да се намали можноста за препишување. Наумовска за Мета вели дека на тој начин целиот процес ќе биде потранспарентен и пообјективен.

„Речиси секое училиште има спортска сала. Во некои поголеми општини има и универзитети, па може и во нивните амфитеатри да се полага испитот на зрелоста. Наместо еден човек да ги чува, ќе има повеќе тестатори кои нема да дозволат да се препишува, а учениците ќе можат самостојно да го работат тестот. Ова се прави вака и во други земји“.

Државна матура без препишување – со блокатори на интернетот

Според директорката на ДИЦ, ваквиот начин на полагање матура не е нов, и се практикува и во други образовни системи.

„Во Финска матурите почнуваат уште втора половина на март, но тие имаат повеќе екстерни предмети. Таму сите ученици влегуваат во една голема просторија во која има блокатор за Интернет за да се оневозможи комуникација со надвор. Нашата држава нема пари за блокатори, ние сѐ уште имаме нереконструирани тоалети. Тоа е скапа инвестиција, но можеме да ги користиме амфитеатрите на оние факултети кои самостојно си обезбедиле блокатори. Целта е, со полагањето во спортска сала или во  амфитеатар, да дојде до израз вистинското знаење на учениците“, појаснува Наумовска.

Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ

 

Во меѓувреме, се подготвува нов концепт за полагање државниот матурски испит. Испитот ќе биде различен во средното стручно образование и во гимназиите, а нема да биде унифициран како што е сега. Целта на надлежните е да има поразлична матура за гимназиско образование, а таа да биде поинаква и за уметничките училишта, како и за стручните училишта.

„Сите ученици сега исто полагаат, и оние што имаат три часа математика неделно и оние кои имаат по два часа неделно. Содржините и темите, целите не се исти. Новиот концепт треба да го одобри министерот“, додава директорката.

Со новиот концепт, за упис на факултет задолжителен и академски испит

Од ДИЦ доаѓа и најава дека од 2025 година ќе има новини, со кои за запишување на факултет ќе биде задолжителен и учениците од средно стручно образование ќе треба да полагаат академски тест. Ова е дел од  новиот концепт за полагање државна матура. Според тој концепт, различно ќе биде тестирањето во гимназиите и во средните стручни училишта. Покрај задолжителен мајчин јазик, во гимназиите ќе има задолжително полагање математика и странски јазик, а во стручното образование ќе се полагаат стручни предмети.

Покрената петиција за укинување на државната матура за 2021/22

Во однос на петицијата со која се бараше укинување на државната матура, директорката на Државниот испитен центар  рече дека не е возможно да се укине со оглед на тоа дека е дел од законот и е услов за упис на факултет.
(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?