
Министерството за образование и наука денеска ја презентираше новата дигитална услуга – електронско запишување на ученици во средните училишта. Со оваа услуга, учениците кои ќе се запишуваат во средните училишта од учебната 2022/23 година ќе можат да се пријавуваат електронски наместо да носат документи во училиштата.

На ваков начин, сега целокупниот образовен систем во Македонија е покриен со можноста за електронско запишување. Ситуацијата предизвикана од пандемијата со Ковид 19 на некој начин ја исфрли во прв план потребата од ваков начин на запишување, од кој бенефит има и во време кога не е пандемија.
Оваа нова алатка Министерството за образование и наука ја изработи во соработка со Центарот за управување со промени (ЦУП) во рамки на проектот финансиран од Амбасадата на Велика Британија.
Ваквата услуга лани првпат им беше овозможена на првоодделенците преку националната платформа за електронски упис на првачиња.
Услугата денеска им беше презентирана на директори на средни училишта. Овој месец ќе почнат обуки на наставници за нејзино користење, а ќе биде функционална во јуни кога ќе бидат и уписите за средно образование.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека пандемијата го забрза процесот на дигитализација, но и факт е, рече тој, дека нејзините придобивки се исто толку значајни и во постковид периодот. Со новата услуга, нагласи Шаќири, ќе се избегнат непријатните метежи и чекањето со документи в раце пред шалтерите, се заштедуваат трошоци за праќање по пошта, како и времето потребно за пријавување. Кон сето тоа, додаде Шаќири, е и транспарентноста во целиот процес.
Министерот потсети дека во областа на образованието, дигитализирани се и голем број други услуги – аплицирање на конкурсите за стипендии за ученици и студенти и за прием во домовите, за субвенциониран студентски оброк, дигитално е нострифицирањето на странски дипломи и свидетелства, а родителите/старателите електронски се информирани за успехот на нивните деца во училиштата.
Амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј посочи дека со новата дигитална услуга за средношколци, покрај услугата за упис во основните училишта од минатата година, се завршува проектот за електронско запишување на ученици во образованието и на тој начин и училиштата и децата односно родителите се ослободуваат од административни обврски.

Извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП) Неда Малеска-Сачмароска истакна дека во 21 век образованието и граѓаните не може да функционираат на ист начин како во минатото, а дека за жал сеуште дигиталните вештини се на ниско ниво:
–Во процесот на дигитализација на дел од услугите се соочивме со многу проблеми – како во делот на законската регулатива, бидејќи се уште сме научени да работиме со хартија, технологијата, интернет-конекцијата, инфраструктурата во самите училишта… Но она што најмногу не погоди во истражување во ковид-кризата со фокус на образованието се дигиталните вештини на нашата нација. Тие се далеку под просекот на ЕУ и на Велика Британија, рече Малеска-Сачмароска.
Според податоците на Еуростат, посочи таа, нивото на дигиталните вештини кај сите лица во земјава е околу 32 проценти, а просекот во Велика Британија е 74 отсто.
Истражувањето покажало и дека младите кај нас имаат значително подобри дигитални вештини од повозрасната популација: 74 отсто од децата меѓу 16 и 19 години се дигитално писмени, користат дигитална технологија и купуваат онлајн и тој број, рече Малеска-Сачмароска, е значително зголемен во последните две години како резултат на пандемијата.