ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.10.2025
Од формална еднаквост до реална нееднаквост – препреки за жените на работното место

Формалната еднаквост на работното место помеѓу мажите и жените која е законски пропишана во правните системи на современите земји, во реалноста се отсликува како нееднаквост. Дискриминацијата на жените на работното место претставува остаток од предрасудите дека жените треба да се занимаваат со семејството и дека не се квалификувани за да заземат место на пазарот на трудот.

Проф.д-р Билјана Тодорова

„Дискриминацијата на работното место претставува секое неповолно, нееднакво или исклучувачко постапување спрема кандидат за вработување или работник, кое се заснова на лична карактеристика, како што се: полот, возраста, етничкото потекло, религијата, здравствената состојба, инвалидноста, брачниот или семејниот статус, членувањето во синдикат или друга лична околност.  

    Во домашниот контекст, иако Република Северна Македонија има комплетна правна рамка за заштита од дискриминација, која вклучува Закон за спречување и заштита од дискриминација, Закон за еднакви можности на жените и мажите и Закон за работните односи, реалноста покажува дека дискриминацијата сè уште постои во различни форми, најчесто во прикриен или индиректен облик. Таа најчесто се појавува при вработување, каде кандидатките се соочуваат со прашања за брачниот статус или планови за мајчинство; распределба на задачи и напредување, каде се фаворизираат мажи за раководни позиции и во системот на плати, каде жените и покрај исто образование и компетенции добиваат пониски примања за иста или слична работа“, вели проф. д-р Билјана Тодорова од Правниот факултет при УГД – Штип.

Мажите и понатаму со повисоки плати од жените

Еднаквост предвидена со закон се манифестира како нееднаквост во реалноста

За жал, голем процент од жените кои работат во приватниот сектор се соочуваат со директна дискриминација на работното место, но таа е присутна и во јавниот сектор во дискретна форма.

„Како жена и универзитетски професор по трудово право со повеќе од две децении професионално искуство, можам да кажам дека отворената дискриминација во експлицитна форма денес ретко се среќава во институциите од јавниот сектор, бидејќи постојат јасни законски и институционални рамки што гарантираат еднаков третман. Од моето искуство, дискриминацијата ретко се јавува како отворено исклучување, туку најчесто во форма на ситни, повторливи ситуации на потценување или нерамномерна распределба на одговорности – кога од жената автоматски се очекува да преземе организациски, емотивни или комуникациски задачи, наместо да биде вклучена во процесите на одлучување и развој.

    Лично, настојувам да се справувам со ваквите ситуации преку знаење, правна свест и достоинствен дијалог. Секогаш се потпирам на професионален интегритет и смиреност, бидејќи жените често се оценуваат построго кога покажуваат амбиција или лидерски капацитет. Како професор по трудово право, сметам дека еднаквоста не е подарок на државата, туку резултат на свест, борба и зрела демократија“, смета проф. Тодорова.

xr:d:DAFdCopGSuU:6,j:690175169,t:23031302

Дискриминацијата и нееднаквоста почнуваат уште пред самото вработување

Иако, многу сметаат дека дискриминацијата започнува со добивањето на работната позиција и со текот на работењето, сепак во реалноста таа започнува многу порано уште пред самото вработување преку скриени прашања кои се поставуваат во текот на процесот на вработување.

„Да, многу често дискриминацијата започнува уште пред да се потпише договорот за вработување, токму во фазата кога кандидатот се обидува да влезе на пазарот на труд. Таа најчесто е скриена зад „ситни“ прашања и стереотипи кои немаат никаква врска со професионалните способности на кандидатот. Најтипичен пример е кога на разговор за работа жените се прашуваат дали планираат бременост, дали имаат мали деца, дали можат често да патуваат, или им се сугерира дека „работата бара машка енергија“. Тоа се форми на директна дискриминација, бидејќи вработувањето се условува со лични, а не професионални критериуми. Постојат и случаи на индиректна дискриминација, како на пример, кога во оглас се бара кандидат „под 35 години“ или „со динамичен карактер“, што всушност ги исклучува постарите лица или жените со семејни обврски. Во европските практики, постојат добри решенија, како анонимизирани биографии (blind CV), каде кандидатот не наведува пол, возраст или семеен статус, туку само квалификации“, вели Тодорова.

Жените во науката сѐ уште се соочуваат со предизвици и дискриминација

За еднаквост и недискриминација, компаниите треба да имаат јасни политики и механ изам за пријавување

Состојбата со дискриминацијата на жените на работното место може да се подобри доколку државата и компаниите кои се јавуваат како работодавачи преземат активности за намалување на дискриминацијата, што би овозможило рамноправност во општеството.

„Создавањето еднаква и безбедна работна средина не е само законска обврска, тоа е показател за зрелоста на едно општество. И државата и компаниите имаат своја улога во овој процес, кој не може да се реши со еден закон или еден инспекциски надзор, туку бара системска, долгорочна и културна промена. Од аспект на државата, потребно е конзистентно спроведување на законите, јакнење на инспекцискиот надзор, со реални последици за работодавачите што не го почитуваат принципот на еднаков третман и многу важно, едукација на јавноста – затоа што законите се добри само ако луѓето ги разбираат и ги користат. Компаниите можат да направат многу и без големи трошоци да воведат јасни политики против дискриминација и вознемирување, да воспостават внатрешен механизам за пријавување на неправди без страв од одмазда, да овозможат флексибилно работно време или работа од дома за мајки со мали деца“.

За надминување на инфериорноста на жените во општеството, покрај државата и компаниите и образованието може да придонесе, каде што најмладите ќе се вклучат во процесот на искоренување на дискриминацијата.

За општество без дискриминација, важен фактор е и образованието

„Образованието е темелот на секоја вистинска промена. Ако сакаме да имаме општество без дискриминација, мора да почнеме од младите, од студентите, од идните професионалци и работодавачи. Универзитетите имаат клучна улога, не само во преносот на знаење, туку и во формирањето на свеста за еднаквост, правда и почитување на различностите. Покрај формалното образование, голема улога има јавната свест и континуираната едукација, како и културата на дијалог. Не можеме да очекуваме промена ако не се зборува гласно за неправдите. На младите жени особено им порачувам: верувајте во своето знаење и вредност. Образованието е најсилната алатка против дискриминацијата. Со него не само што се браниме, туку и го менуваме светот околу нас“, истакнува Тодорова.

Дискриминација на етничка и родова основа најчеста

Жената која се соочува со дискриминација на работното место треба да знае дека не е сама, но само преку пријавување на дискриминацијата до соодветните органи таа може да се надмине.

„Моја порака е едноставна, но суштинска: нема мала неправда кога се повредува достоинството. Не молчете. Пријавете. Побарајте поддршка – од институциите, од колешките и колегите, од семејството. Не се откажувајте од сопствениот професионален развој, затоа што знаењето и компетентноста се најсилниот одговор на дискриминацијата. Кога жената е свесна за својата вредност и подготвена достоинствено да застане за своите права, таа не го брани само сопствениот интегритет, туку придонесува и за промената на општеството околу себе“, додава таа.

Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија
Студирање и работење – секојдневие за студентите