Даниел, Лео, Дени и Аце од Штип пред една година сосем случајно се запознаваат преку играње видео игри и одлучуваат заедничката љубов кон кодирањето и програмирањето да ја преточат во свој бизнис. Младите на возраст од околу 20 години, без претходно познавање и поддршка успеваат да ги остварат своите соништа и да ја основаат успешната ИТ фриленс група Accesco.co, која нуди услуги за FullStack-WebDevelopment, Веб дизајн и Хостинг. Повеќе за нивното патешествие ни кажа Даниел Веселинов, еден од програмерите.
“Сето ова се случи спонтано и сосема случајно. Се познававме приватно, знаевме кој што работеше, кој какви работи го привлекуваа во работниот однос и едноставно еден ден се случи тој пресврт, еј зошто ние сите четворица не се споиме во едно и да пробаме да направиме нешто. Не се ни надевавме дека ние ќе работиме на проекти и дека ќе сме барани од клиенти. Но, кога дојде првиот голем проект покрај оние помалите си кажавме сами на себе од ова може да биде нешто и сите заедно станавме многу посериозни околу сево ова.”, вели Даниел.
Првите 3-4 месеци од почнувањето, Даниел ги опишува како “пеколни”. Потешкотиите и непроспиените ноќи најмногу доаѓале од тоа што четворицата млади немале никакво искуство во оваа работа. На моменти помислувале и да се откажат бидејќи сето ова им било исцрпувачко. Но, според нив тоа е момент на криза, момент на слабост исцрпеност кој треба да се преброди за да се достигнат посакуваните резултати.
“Целиот наш маркетинг на почетокот се одвиваше на традиционален начин бидејќи таргет клиентите ни беа од Македонија па така правевме флаери, визит карти, презентации и слично. Набргу сфативме дека можеме да просперираме и во Европскиот пазар, па така се пренасочивме на социјалните мрежи, платени реклами, SEO оптимизација, креирање на состаноци со потенцијални клиенти. Се исплатеше и проучувањето на конкуренцијата, слабостите и јаките страни и сето ова ни помогна да се надоградиме како компанија.”, вели Даниел.
“Менаџирањето на времето и ден денес ни е најслаба страна. Но, кога сакаш и кога доволно веруваш во нешто се водиме со тоа дека секогаш ќе се најде време. Понекогаш не работиме сите заедно во ист временски период, па така некако успеваме да постигнеме. Некои работи како што е секојдневно излегување , дружење со пријатели , шетање и слично мораше едноставно да го намалиме и да се направиме некој баланс помеѓу сето тоа.”, вели Даниел.
Младите на своите врсници им порачуваат никогаш да не се откажат од своите соништа и да не го трошат залудно своето време. Во иднина тие очекуваат проширување на својата клиентела , нудење и на други услуги од областа на ИТ, па дури и проширување на нивниот тим.