ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.02.2026
Од Штип до 60.000 следбеници: Студентка создаде заедница што ги мотивира студентите ширум светот

„StudyMarathons“ е Инстаграм профил и платформа на студентката Ана Георгиева од Штип, кој повеќе од две години ги мотивира студентите во Македонија, но и во светот.  60.000 следбеници на овој профил , ја потврдуваат идеологијата на Ана,  дека на сите студенти ширум светот позитивно им влијаат мотивацијата и инспиративните содржини, особено кога се соочуваат со тежок материјал или предизвикувачки академски период.

Ана на својот профил, секојдневно споделува инспиративна и мотивациска содржина поврзана со студирањето, едукацијата и испитните рокови, но и корисни совети за учење и олеснување на процесот.

До идејата, вели дека дошла во својата 4 година од студиите на Медицинскиот Факултет во Скопје, каде се соочила со транзитот од предклиничка во клиничка медицина. Нејзиното искуство, кое го опишува како трка со времето и материјалот во тој период, ја навело кон идејата дека можеби и не е единствена која се чувствува така, па затоа одлучила своето искуство да го сподели на социјалните мрежи. Целта на Ана, тогаш било да ја долови реалноста за тоа како изгледа животот на еден студент по медицина.

„Најголем дел од содржината е инспирирана од моето лично искуство. Падови, подеми, „табу“ теми што професијата ги носи, ама секако и од искуствата на луѓето кои ми се блиски. Би сакала да верувам дека акаунтот е како едно катче каде секој може да се пронајде во нешто.“, вели Ана.

Денес, многу од профилите на Инстаграм и другите социјални мрежи ги прикажуваат нивните најдобри моменти, во најдобро светло, па голем дел од студентите се демотивираат. Спротивно на тоа, Ана преку нејзините објави се труди да ја прикаже реалноста на еден студент со сите подеми и падови со кои се соочува во текот на студирањето.

„Нормално е да не се чувствувате совршено и „во елемент“ секој ден. Денес е лесно да се „конзумира“ погрешен тип на содржина што брзо може да ве доведе во вртлог на несигурност. Затоа, еве еден потсетник: сè што гледате на социјалните мрежи најчесто е само highlight на најдобрите моменти. Независно дали се подготвувате за испити, работите на лична цел или само го навигирате секојдневниот живот, не дозволувајте она што го гледате да ве демотивира. Акаунтите што ги следите треба да ве инспирираат, да даваат насоки или едноставно да покажат нови начини за постигнување на цел, а не да ве натераат да се сомневате во себе. Позади тие совршено исполирани постови стојат вистински луѓе кои прокрастинираат, доживуваат неуспеси и постојано учат како да продолжат напред. Не ги споредувајте вашите одлуки и вашиот пат со highlight-ите на другите.“, вели Ана.

Покрај инспиративната содржина, Ана на својот профил споделува и корисни совети, техники за учење, практични насоки за организација на времето, но и за важноста за зачувување на физичкото и менталното здравје во стресни ситуации.

„Меѓу најчестите техники за учење што јас ги користам се Active Recall, Blurting Technique, Feynman, Spaced Repetition, Pomodoro, Mind Mapping, Interleaving Method итн., и тоа се и методите за кои најмногу зборувам на акаунтот. Не мислам дека постои универзален начин на учење, бидејќи многу зависи од предметот што го спремате и од времето што го имате на располагање. Затоа, според мене, најдобрата техника е таа што вам ви функционира и ве прави конзистентни.“, вели Ана.

Поголем дел од следбениците на Ана се од странство, но сѐ повеќе ја следат и студенти од Македонија и ја контактираат во однос на нејзината содржина. Нејзината цел е создавање на заедница која инспирира и се поддржува меѓусебно.

„За мене, таргет група се сите што некогаш се чувствувале изгубено, преоптоварено или несигурно во својот пат и имаат потреба од мал поттик, мотивација и инспирација. Преку овој акаунт запознав прекрасни луѓе и колеги кои денес се голема поддршка и константна инспирација. Мислам дека заедницата што се создаде преку „shared trauma“ е место каде сите можат да се чувствуваат прифатени, да учат едни од други и да се поддржуваат во својот пат.“, вели Ана.

Иако, е во завршна фаза од нејзините студии, сепак Ана го гледа овој профил како парче од себе, и простор каде споделува и лични искуства, размислувања, техники за учење од сопственото искуство. Вели дека и понатаму ќе продолжи со креирање на ваква содржина бидејќи и после завршетокот на студиите, учењето не престанува.

Крводарителска акција во Штип по повод денот на Извидниците
(Видео) Награда за ГОЦЕ.МК за најдобра едукативна содржина за млади