ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
22.04.2025
Од срамежлива девојка до храбар глас: Борбата на Марија со социјалната анксиозност

Социјалната анксиозност е тивок непријател кој секојдневно ја напаѓа самодовербата на илјадници луѓе ширум светот. Но, во Скопје, една жена ја претвори својата борба во јавна мисија за подигање на свеста.

Марија Прличкова Нешовска денес е гласна, искрена и храбра жена. Психолог, писателка и активистка од Скопје, која отворено зборува за нешто што многумина го кријат-социјалната анксиозност. Низ својата приказна, таа не само што инспирира, туку и охрабрува. Зашто знае како е да живееш во страв од збор, од поглед, па дури и од тишината во преполната просторија.

Марија Прличкова Нешовска

„Социјалната анксиозност е како тивок непријател што те демне, дури и кога сè изгледа мирно. Јас ја носам со себе уште од најмлади години, но, не знаев што точно е тоа. Се криеше зад етикетата на срамежливост, тивкост, повлеченост… На пример, на факултет, никогаш не прашував ништо пред другите бидејќи не сакав да бидам центар на внимание, па дури и по цена на тоа да не разберам дел од материјалот. Денес, гледам колку тоа ме спречувало да растам, да се изразам, да бидам јас.“

Промената дошла кога љубовта проговорила

„Мојот сопруг Емил, тогаш дечко, беше првиот што ми ги отвори очите. Тој го имаше истражувано ова поле, па преку разговори, прашања, ми помогна да сфатам дека ова има име. Тоа беше како да ми падна завеса од очите. Не беше лесно, но, кога еднаш знаеш со што се соочуваш, можеш да почнеш да се бориш свесно и посветено.“

Нејзините борби не биле само во глава. Телото ја издавало секогаш кога ќе се нашла пред луѓе.

„Се блокирав. Се гушев. Срцето ми чукаше како да ќе ми избега од градите. Се сеќавам на поетско читање каде едвај изговорив неколку зборови. Гласот ми се зеде, желудникот ми се стегна. Но, кога слушнав аплауз, солзите течеа-не од срам, туку од олеснување. Од гордост што не побегнав.“

Марија не посетувала терапевт на почетокот. Наместо тоа, се нурнала во светот на самопомош-со книги, истражувања, разговори и многу внатрешна работа.

„Почнав да дишам по 4-7-8 методата. Исто така почнав и да танцувам… без музика, сама дома. Само за да се чувствувам слободна. Чистењето исто-кога сум под стрес, чистам како луда. И пишувам, многу. Тоа е мојот издувен вентил.“

Нејзиниот пат ја однел до студии по психологија – не случајно, туку од потреба.

„Сакав да си помогнам себеси, но и да им помогнам на другите. Факултетот ми беше алатка за личен раст, а не само диплома. Денес, кога ги гледам моите колеги, гледам колку сум напреднала. Веќе не се плашам да прашам, да зборувам, да се изразам.“

Во оваа битка не била сама. Поддршката од семејството и пријателите ја држела кога таа сама не можела.
„Имам свето тројство: Емил, мајка ми и свекрва ми. Сите на свој начин ми се потпора. И колегите, и луѓето на социјалните мрежи. Токму тие ми даваат сила да продолжам да зборувам за ова јавно. Да бидам глас за оние кои сè уште молчат.“

Денес, сцената што некогаш ѝ била кошмар, сега е нејзиното среќно место.

„Концерти, читања, јавни настапи – сега тоа го доживувам како прослава на животот. Одам на свирки, играм, викам, се забавувам. Тоа е мојата терапија, мојата нирвана.“

И пораката што ја носи со себе е толку силна, што ги допира и најтврдите ѕидови на тишината.

„Анксиозноста не е крај. Не си сам. Побарај помош, зборувај, диши. Не се срамиш што чувствуваш – тоа те прави човечен. Животот е тука, и вреди да го живееш со полни гради.“

(Видео) Д-р. Марија Димитровска – Колку студентите се вклучени во научни истражувања?
Жените во науката сѐ уште се соочуваат со предизвици и дискриминација