ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.10.2025
Од УГД до „Аџибадем Систина“ – патот на д-р Стефан Николов

Д-р Стефан Николов е специјализант по градна хурургија во една од најпрестижните приватни болници во Македонија „Аџибадем Систина“ и поранешниот студент по Општа медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип . Во текот на студиите, тој имал можност да помине повеќе ротации во различни оддели и болници, а после завршувањето на студиите работел како стажант во Клиничката Болница ,,Аџибадем Систина” во Скопје. Во Болницата исто така половина година бил вработен и како општ лекар, се додека не запишал специјализација по Градна хирургија.

Стефан Николов

Практикантското искуство во „Аџибадем Систина“, д-р Николов го смета како вистинска пресвртница во својот професионален развој.

„Таму првпат почувствував како е да бидеш дел од високо организиран тим, да работиш со врвни професионалци и да носиш одговорност во реални клинички услови. Особено значајно за мене беше времето поминато на Одделот за хирургија, каде што имав привилегија да учам од мојот ментор, проф. д-р Андреја Арсовски, и од д-р Драган Смилевски – двајца од најдобрите торакални хирурзи во Македонија. Нивниот пристап, професионалност и посветеност кон пациентите беа пример кој остави длабока трага во мене. Студентската пракса не само што ми помогна да ги надградам практичните вештини, туку и ми даде самодоверба, мотивација и јасна слика за тоа во која насока сакам да ја градам мојата кариера. Тоа беше моментот кога од студент кој учи теорија, започнав да се формирам како иден доктор кој е подготвен да се посвети на пациентите и медицината.“, вели д-р Николов.

Стефан Николов: Иако важна основа, теоретското знаење, единствено, не е доволно за понатамошен развој

Според д-р Николов практичните вештини како комуникацијата со пациенти и колеги, емпатијата и дисциплината, умешноста да се остане смирен под притисок се од големо значење за младите лекари. За да се истакнеш во одредена област најважен е натпреварот со самиот себе. Стремежот да бидеш подобар од вчера и да ја градиш најдобрата верзија од себе. Постојаниот личен раст и развој и усовршување се и она што го води д-р Николов во неговата работа.

Стефан – еден од најдобрите студенти на медицина: Неуспехот е само дел од процесот за стекнување на знаење

Многумина од студентите во текот на своите студии се стремат да добијат добри академски резултати и добар просек, сметајќи дека истиот е пресуден при барање на работно место. Според д-р Николов, просекот е важен, но не и пресуден. Повеќето од работодавачите вниманието го обраќаат кон практичното искуство, волонтерството, но и личните доблеси како самодисциплина, одговорност, способност за тимска работа, аналитичност и истрајност, за кои вели дека некогаш имаат поголема тежина и од самата диплома.

„Би им препорачал на студентите да не се обесхрабрат доколку на почетокот не ја најдат својата посакувана позиција. Важно е да бидат активни – да учествуваат на конференции, семинари и конгреси, да градат контакти со колеги и професори, бидејќи никогаш не се знае од каде може да дојде идеалната прилика. Трудот, вложеноста и постојаната желба за учење секогаш ќе бидат наградени.“, вели д-р Николов.

Најголемиот предизвик за вработување на младите доктори претставува големата конкуренција.

„Млад доктор без работно искуство тешко доаѓа до вработување во гранката од медицина во која сака да работи, а уште потешко е да размислува за долгорочна кариера и надградување, лично и професионално. Често се јавува потреба да се бара алтернативен извор на приход или да се прифати работа која, за жал, не е толку блиска до клиничката медицина. Ова создава дополнителен притисок и чувство на несигурност кај младите лекари. За жал, реалноста во нашето општество е таква што младите доктори по општа медицина не секогаш ја добиваат шансата да се докажат веднаш по завршување на факултетот.

„Хирургијата не е само вештина – туку и одлука да носиш тежина наместо друг“

И покрај тоа што имаат завршено пракса за време на студиите и се стекнале со основни клинички вештини, честопати во големите државни установи не им се дава можност да се истакнат – било поради административни, организациски или финансиски причини. Сето ова ја отежнува транзицијата од студент во практичар. Сепак, овие предизвици можат да се претворат и во мотивација – да продолжиме да учиме, да бидеме упорни и да бараме начини како да стекнеме искуство и надвор од класичните рамки, преку семинари, конференции и волонтирање.“, вели д-р Николов.

Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија
Студирање и работење – секојдневие за студентите