ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.11.2021
Одблиску со Александра Терзиски „Фудбалот не е само машки спорт“

Денеска наша гостинка е Александра Терзиски од Гевгелија, претседател на фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица и вљубеничка во фудбалот од мали нозе.

Александра има 26 години и е носител на УЕФА А тренерска лиценца. Исто така, е дел од Сениорскиот тим на репрезентацијата на Македонија и тренер во У15 селекцијата. „Љубовта за фудбалот е присутна во мојот живот уште од најмлада возраст. Главни виновници се мојот татко и мојот поголем брат, со кои деновите од детството ги поминувавме на стадион.“ – вели Александра.

Како се рушат стереотипите дека фудбалот е машки спорт?

  • „Стереотипите се сѐ поретки барем во мојата околина (Струмица). Патот е макотрпен меѓутоа секој кој работи и има желба, може да придонесе многу во искоренување на овој стереотип. Пред 5 – 6 години беше голем проблем во Струмица да убедиш родител да и дозволи на својата ќерка да игра фудбал. Во моментот Тиверија има повеќе од 70 членови а од пред некое време формиравме и генерација У10 поради големата заинтеренираност. Резултатот се должи на многубројни денови поминати во основни школи вршејќи уписи, бесплатна опрема за тренинзи и натпревари, внимание и многу љубов и трпение.“

 

Интересот на девојките кон фудбалот е се поголем, меѓутоа финансискиот дефицит придонесува да се откажуваат од својата желба, да бидат фудбалерки и да се посветат на студирање и работење. Александра, не се откажала од својот сон благодарение на нејзината поддршка и досега има освоено многу титули и награди.

  • „Јас сум човек кој пред се’ долги години е во истиот клуб. Секој успех, нормално, е мотивација за работа и напредок меѓутоа,  моето гледиште е малку поразлично. Секогаш сум се трудела да извршувам што е можно повеќе работи и да бидам покорисна. До пред неколку месеци паралелно играв, тренирав млади фудбалерки и го водев клубот. Во моментот кога ќе станеш тренер на млади фудбалерки и претседател на еден женски фудбалски клуб, твој најголем успех е напредокот на тој клуб. Веќе неколку месеци сум надвор од стадионот, во исчекување на една нова улога во мојот живот меѓутоа, се надевам, дека од наредната сезона ќе бидам во можност да се вратам на зелените терени.“

 

Фудбалот е спорт кој бара многу внимание, тренинг и посветување. Фудбалерите имаат посебен режим на исхрана преку целата година, а секој тренер си има своја филозофија за припрема на тимот. Александра е целосно посветена на својата работа, па секогаш се труди да го подготви својот тим најдобро што може. Целиот тим, на чело со оваа млада дама, имаат план Женскиот фудбалски клуб, Тиверија, да порасне во професионален клуб, а фудбалерките да бидат почитувани и вреднувани во општеството.

За крај, ја запрашавме што би ѝ кажала на Александра од пред 15 години.

  • „На Александра од пред 15 години би ѝ препорачала да не биде наивна, да се стреми кон она што го сака уште порешително, да верува во себе и да нема многу доверба во сите околу неа.“

Александра е пример дека со следење на својот сон, секој може да достигне успех. Иако од многу луѓе ќе слушнете дека фудбалот е за мажи, оваа девојка ни го докажува сосема спротивното. Никој не вели дека е лесно, ама не е ни невозможно.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите