
Стефчо Стефанов
Сигурно од некаде сте слушнале за книгите „Ај шо лафиш“ и „Гевгелексикон“, малите џебни книги кои ги опишуваат сите фрази кои може да ги слушнете во Гевгелија и да се зачудите што всушност значат. Денес, на наша огромна чест и задоволство ќе поразговараме со авторот на овие книги, Стефчо Стефанов.
Кој е Стефчо Стефанов?
Кога го прочитав прашањево, без да се оддалечувам од причината зошто го давам ова интревју, веднаш ми се врати пред очи најавната шпица за цртаниот од моето детство „Кире Бананамен“. Ха, ха! Таа почнуваше со гласот на нараторот: „Кире навидум е обично дете, но штом Кире ќе изеде една банана тој необично се преобразува и станува Бананамен (суперхерој)…
Па така некако – Стефчо е дечко од Гевгелија, психолог кој предава психологија во средното училиште, работи и со лица зависници од дроги, татко е на Дина и Стела, фраер на сопругата Сузана, но штом Стeфчо ќе фати пенкало и празно ливче, тој необично се преобразува и станува „Аџамија“ (нескриениот псевдоним со кој секогаш ги потпишува своите пишувања). Поради таквите пишувања објавуван е во голем број книги и списанија, но и објави досега четири книги. Првата книга е кратка еротска новела „Сакам да ти кажам нешто“, за која малкумина од денешните млади знаат, а е објавена за Темплум, 2008 година. Потоа беа објавени „Гевгелексикон“ – џебно издание со толкување на над 1000 зборови од гевгелискиот дијалект, книгата поезија „Стихови со црвени намери“, и повторно џебно издание на книгата со гевгелиски фрази и изрази „Ај шо лафиш“.
Стефчо вели дека идејата за пишување на вакви книги му дошла путуљом путуљом што би се рекло на гевгелиски, односно тивко, бавно и полека. Повеќето одлични идеи доаѓаат без креирање на планови, па оваа идеја му кликнала уште пред 10 години кога почнал да ја уредува истоимената рубрика за гевгелиски зборови во електронското арт катче „Чивилук“.
Ги запишував зборчињата за да не се повторат во некој од следните броеви. После две години се насобраа околу 200, па си реков зошто да не една ваква книга. Запнав и стигнав и над 1000.
Пишувањето на првата книга било со полно трпение и уживање кое траело скоро четири години и било целосно дружење со пријателите и пишување во ноќните часови. Собирањето фрази е бунар без дно и најинтересно и најкомплицирано во исто време е тоа што кога станува збор за креирање такви книги, не постои реченицата „готов сум“.
Се случуваше и кога сѐ е готово на недела дена пред печатење да се вметне некој збор или фраза. А и како да не се вметне во последен момент кога ќе се слушне нешто како „На п’рчувина мирисе“.
За втората книга, пак прсти замешал карантинот и му помогнал да ја заврши за две години.
Стефчо е и професор по психологија кој е запаметен како хумористичен и пријателски достапен професор, па го прашавме дали како таков очекувал толкава популарност на книгите.
Да бидам искрен, да! Уште кога „се фалев“ дека работам на нив интересот беше огромен. Тоа дека предавам во средно училиште не ме ограничува, ниту пак ми дава некоја предност кога решавам да пишувам. Мислам дека тоа е до личноста. А мојата личност е таква што се преиспитува мал милион пати пред да е сигурна дека ќе биде нештото добро, барем според моите стандарди за кои верувам дека не се ниски.
А за популарноста на двете џебни книги зборува печатењето на четвртиот тираж на „Гевгелексикон“ и после 6 години од издавањето, и вториот тираж веднаш после 2 месеци од печатењето на „Ај шо лафиш“.
Сепак најинтересниот комплимент кој не се заборава дојде од мојот сосед – сопственик на тобако, кој во првата недела откако започна да се продава „Ај шо лафиш“ и кај него, при едно телефонско јавување ми рече: „Стево, донци оште книгички ако имиш, оти вие два дена имиш погулема продажба уд Скопска пивара!“. Му вратив кратко: „Ај шо лафиш бе чувек.“ Иако знам дека книгите се популарни, сепак се изненадувам. Но, тоа годи. Дава самодоверба. Се надевам не вообразена.
Стефчо вели дека се додека „мрда“ очекува од себе сѐ и сешто. Во 2022 година подготвува нова книга, а на прашањето каква книга, одговори скромно со убава книга, па сега останува да чекаме.
Книгите може да се најдат во библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија и во книжарниците. За жал, во другите градови уште не се во малопродажба, ама за среќа постои карго. Секој што ќе посака да си подари себе или на најблиските уникатен подарок, побарајте го Стефчо и желбата ќе стане реалност.
Како и секој гевгеличанец така и Стефчо си има омилени фрази, па да видиме кои се:
-„Шугавте м’гариина и преко девит рида ќи са наат“.
-„Ак’лут ми лете, г’зут ми са радуве“.
-А може и да врземе две-три за подолга мисла: „Јок да са чиниш, апни си го ј’зикут мер не глејш ардауш са направих и ним ного маабете ги курдисави, знам оти на теб се тее епсибир!“
На останатите омилени ќе им треба цензура, но затоа ги има во книгите. – вели Стефчо.
И за крај …
Ако не бевте професор, ќе бевте… …посиромашен за едно стотина „Добар ден професоре, како сте, добри ли сте?“ дневно!