ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.02.2022
Охридското езеро – сите го „штитиме“, а секогаш е загрозено

Охридското езеро е пример дека дебатата за заштитата на природните убавини во Македонија постојано е присутна, но ефектите од неа ги нема.

Можеби еден од најпластичните примери а тоа е Охридското езеро, за кое токму негрижата и постојаните „напади“ од урбаната мафија, бизнис интересите константно во последните години се доведува во прашање и статусот на Охридското езеро на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

Само се говори и говори, а мерките остануваат на хартија, па се поизвесно е дека македонскиот бисер ќе го загуби тој статус. Понекогаш недостатоците и негрижата се гледаат со голо око – нема нема па ќе се објават фотографии како фекалии течат во езерото, или пак дека објекти никнуваат веднаш до самото езеро, како безобразно се уништува рибниот фонд со мрежи,  да не зборуваме за нашите навики на фрлање ѓубре кај ќе ни текне. Понекогаш пак, треба да се истражува малку повеќе, па да се види како се доделуваат дозволи за градење, како се заобиколуваат законите, како без обзир се експлоатира водата за производство на електрична енергија, како властите замижуваат на нерегуларностите…

Па така, ќе имаме одлуки за рушење на објекти кои се во заштитената зона, кои тешко се спроведуваат, а кога сепак ќе се направат обиди за ставање ред и рушење, дислоцирање, тогаш ќе се смени власта, и новата власт ќе донесе одлука дека нема да има рушење и дислоцирање.

За Охридското езеро повеќе се грижат странците?

И така, додека ние во Македонија се однесуваме по принципот „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“,, испаѓа дека повеќе од нас загрижени за заштита на едно од најубавите езера во светот се странците. Дали и овде неспособноста или несакањето на нашите власти (сите по ред во триесет години самостојност) вистински да се грижат за заштитата ќе придонесе некој однадвор да ни дојде и да не натера да си го зачуваме македонскиот бисер? Но, и кога тоа го прават странците, со секогаш добри поенти и понудени решенија, пак останува прашањето – дали ние пак нема да најдеме начин работата да не ја завршиме, дисциплина во која сме секогаш најдобри?

Одлични беа и поентите кои на предавање „Балансирање на зачувувањето на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со локалитетите на светското наследство“ ги дадоа јапонски експерти.

Строго контролирани зафати, како во инфраструктурата, така и во локалната економија на местата кои се природни реткости, целосна вклученост на националните власти во активностите за заштита и контрола на развојот на локалитетите заштитени како природно наследство од национален интерес, како и постојана вклученост на научната фела во определувањето мерки за заштитата на локалитетите, се дел од препораките кои ги изнесоа јапонските експерти Јамасаки Масафуми и Ичики Шигеказу на денешното предавање „Балансирање на зачувувањето на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со локалитетите на светското наследство“.

Не смеат да се дозволат никакви поголеми интервенции во Охрид

Кога е во прашање природата, двајцата професори се согласни дека не смее да се дозволат никакви поголеми интервенции, особено на места како Охрид, што се заштитени како светско наследство на УНЕСКО.

Како примери се посочени одредени конкретни мерки, како што е фактот што сите хотели и угостителски објекти се под владина контрола, притоа со строго почитување на прописите при евентуални човекови интервенции околу езерото. Градбите како што се рестораните се минималистички изградени согласно традиционалната архитектура и строго контролирани од власта. Исто така, како пример е посочено дека на сите локалитети од интерес на туристите се поставени јавни тоалети што мора да се беспрекорно чисти и пред се бесплатни за употреба.

Места во Македонија до кои се стигнува само по вода!

Нагласена е важноста од промоција и унапредување на начините на презентација на локалната култура и традициите, во насока истите да бидат имплементирани во насока на промовирање на особеностите на туристичката понуда карактеристична за одреден локалитет.

Особена важност јапонските власти придаваат на стопанисувањето на водите од езерата, со строго контролиран лов на риба и рибарење дозволено само на одреден број локални рибари. Од особена важност е посочена потребата локалното население да користи средства за хигиена што не се закана за природата, преку забрана за користење фосфатни детергенти и други агенси што придонесуваат за еутрификација на водите.

Меѓу останатото, презентирани се примери и на отстранување на одредени градби на крајбрежјето, како брани и одводни канали изградени дури и пред неколку векови, сето во насока да се дозволи еко-системот повторно да ги определи начините за самоодржување.

Фото: Тони Михаилов

Од 1 до 30 октомври ќе може да се аплицира за продолжување на правото на студентска стипендија
Зошто САД се плашат од ТикТок?