ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
30.09.2025
Она што никој не ти го кажува за испитната сесија

Најголемиот предизвик со кој се соочуваат студентите во текот на академскиот живот е испитната сесија, време кога треба да се систематизираат знаењата,  но и време на стрес, неизвесност  и откривање на сопствените граници. Она што никој не ти го кажува за првата испитна сесија е чувството на „доцнење“ во спремањето на материјалот и мислите дека сите колеги се понапред од тебе.

Првата испитна сесија е момент кога секој студент се соочува со реалниот притисок на академските обврски. Она што ретко кој го кажува однапред е дека овој период не е само тест на знаењето, туку и на психичката издржливост и способноста за  организација. Во овој период имаш чувство дека времето ти е најголемиот непријател, испитите доаѓаат еден по друг, па чувството дека ,,нема доволно време” е речиси постојано присутно. Потоа доаѓа чувството на несигурност, дури и кога си учел редовно, стравот од непознатото знае да создаде впечаток дека ништо не си запаметил. Можеби најважната лекција од првата испитна сесија е дека и ако некој испит не помине како што си замислувал, тоа не е крај, туку дел од процесот на учење и созревање“, вели Ана Колева, студент по Информатика при УГД – Штип.

Ана Колева

Траењето на денот „само“ 24 часа, во текот на испитната сесија не е доволно. Студентите се преокупирани со спремањето на стотина страници материјал и често забораваат на време за одмор, а кога ќе си го дозволат чувствуваат грижа на совест, бидејќи сметаат дека за тој период може да прочитаат уште неколку страници.

Во текот на испитната сесија честа појава е студентот да чувствува вина кога ќе си дозволи одмор. Одморот не треба да се гледа како изгубено време, туку како неопходен дел од процесот на учење. Кога мозокот е преморен, концентрацијата и меморијата значително опаѓаат, што значи дека иако физички седиме над книгата, тоа не ги дава очекуваните резултати. Најдобар начин да се надмине чувството на вина е да се креира распоред во кој одморот е подеднакво важна активност како и самото учење. Кратките паузи за прошетка или сон го обновуваат вниманието и ја зголемуваат концентрацијата во следните часови на учење. Со прифаќањето дека одморот е предуслов за продуктивност, одморот престанува да биде извор на вина и станува стратегија за подобар успех“, вели  Колева.

Мотивацијата на студентите за спремањето на испитите не е секогаш присутна, многу поважно е стекнувањето на дисциплина и пронаоѓањето на метода за учење која ќе овозможи разбирање на материјалот и положување на испитите со високи поени.

„Со оглед на тоа што доаѓам од општествен кампус кадешто бројот на страници за спремање испит знае да биде енормно голем, за некои испити над 500-600страни, најпрво почнувам со читање на некои 20 страни, а потоа преминувам на детално учење и совладување на материјалот. За потешките испити правев и некој вид на квиз со прашања или пишував поважни  прашања на страна и откако ќе го совладав материјалот преминував на одговарање на тие прашања“, вели Филип Стојановски, студент на Правен факултет при УКИМ – Скопје.

За квалитетни резултати на испитите не е потребно да се научи само материјалот, многу поважно е времето за регенерација на мозокот. За да се совладаат нови информации и веќе научените трајно да се задржат од круцијална важност е квалитетниот сон.

Можеби една од најважните работи што е до нас. Многу е важно на кој начин ќе го менаџираме целиот процес, но од аспект на одвоено време за добар сон мислам дека е клучот за да се положи испитот со висок број на поени. Лично сметав дека е многу поважно да се остане до раните утрински часови за да се помине уште некој дел од материјалот, но сепак за многу брзо таа претпоставка се виде како погрешна. Сепак на мозокот и на телото му треба одмор, не е добро премногу да го тестираме и форсираме умот до крајни граници често, бидејќи на испит сите информации треба да бидам совладани и да можат во соодветниот момент да ги искористиме соодветно, а тоа се добива со соодветен и добар одмор. Според мене, напразно е да се помине материјалот и да се учи до доцна, бидејќи многу мал дел од сите тие информации ќе се совладаат кога сме пре уморни и телото и мозокот кога бараат очајно одмор“, вели Стојановски.

Филип Стојановски

 

Светски ден против дебелината: младите се сѐ по дебели
Ден на ретки болести – невидливата борба на илјадници пациенти