ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.12.2023
Опаѓа инвестирањето за превенција на ХИВ Сида
Автор: Goce Author

Изминатите три години, нивото на инвестирање во превенција на ХИВ инфекцијата постојано опаѓа. Тоа укажува дека имаме уназадување на одговорот на национално ниво и не се справуваме добро со ХИВ инфекцијата, беше истакнато денеска на прес-конференцијата што во Скопје се одржа по повод 1 декември – Светскиот ден за борба против СИДА.

Фото: МИА

Елизабета Божиноска, в.д. директорка на „ХЕРА“ рече дека според проценките во 2021 во државава живеат околу 500 лица со ХИВ. 70 отсто се свесни за вирусот, односно секое трето лице кое живее со вирусот, не го знае својот статус.

Ова ни укажува дека нашиот здравствен систем сѐ уште потфрла на некој начин, не успева навреме да ги дијагностицира луѓето кои живеат со ХИВ, односно не посветува доволно внимание на оваа инфекција во рамки на здравствениот систем. Изминатите три години, нивото на инвестирање во превенција или финансии, постојано опаѓа. Во нашата држава, превенцијата и терапијата се предвидени да се покриваат во рамки на Програмата за ХИВ инфекција на Министерството за здравство и се буџетираат од оваа програма, рече Божиноска.

„Грижи се за себе“ – кампања за борба против ХИВ

Во светот повеќе од 39 милиони луѓе живеат со вирусот

Доколку се споредат трендовите на финансирање може да се забележи дека трошоците што се однесуваат на терапија, ја истиснуваат превенцијата.

Во 2018 година, во оваа програма се предвидени 95 милиони денари за превенција и за терапија кога имало 200 лица кои живеат со вирусот на терапија. За следната, 2024 година, се предвидени 90 милиони денари, во ситуација кога имаме 430 лица кои живеат со ХИВ. Тоа ни укажува дека буџетот за превенција практично е драстично намален и нема да дозволи опстојување на постојаните, моментални превентивни програми, освен ако нема корекција, истакна Божиноска.

Во светот живеат повеќе од 39 милиони луѓе со ХИВ и се зборува за крај на епидемијата до крајот на 2030 година.

Денес во светот драстично е паднат бројот на новите инфекции , исто така сѐ поголем е бројот на луѓето кои живеат со ХИВ и се на антиретровирусна терапија. Драстично е зголемен бројот на луѓе кои живеат со ХИВ, меѓутоа се свесни за вирусот. На светско ниво тоа изнесува околу 86 проценти од проценетиот број на луѓе кои живеат со ХИВ и веќе го знаат својот  статус, рече Божиноска.

Според Божиноска, како држава треба да тежнееме што поголем број на луѓе да бидат дијагностицирани и да бидат ставени на терапија.

Наместо досегашните 45 лица кои на годишно ниво ги дијагностицираме, би требало како земја да дијагностицираме 60 или 70 лица. На овој начин, на краток рок ќе се зголемат и трошоците за терапија, меѓутоа, на долг рок тоа што може да го постигнеме е до крајот на 2030 година трошоците за терапија да престанат да растат зашто ќе немаме нови инфекции на ХИВ и затоа што како држава ќе ја ставиме под контрола епидемијата, појасни Божиноска, апелирајќи до сите кои носат одлуки да направат корекција на буџетските ставки.

Платформата за ХИВ бара  од Владата да го зголеми буџетот за превенција

Според Андреј Сених од Здружението „Заедно посилни“, терапијата, која во земјава е бесплатна и достапна, е клучна за вирусот да се потисне до т.н. недетектабилно ниво. Со тоа лицето со ХИВ може да функционира нормално, да има одлична здравствена состојба и да живее еднакво долго како и останатите луѓе.

Иако поголемиот дел од пациентите денес примаат современи тераписки опции, во согласност со европските упатства за лекување на ХИВ-инфекцијата, сепак, околу 40 проценти примаат лек чија употреба веќе не се препорачува од Светската здравствена организација и другите меѓународни упатства, рече Сених, додавајќи дека луѓето со ХИВ се уште се соочуваат со дискриминација, особено во здравствениот сектор.

Кратењето на буџетот за борба против ХИВ ќе се врати како бумеранг

Здружението „Заедно посилни“, кое е дел од Платформата за ХИВ, понудило правна и психосоцијална поддршка на 28 лица последните две години. Подршката е поради различни облици на дискриминација – речиси исклучиво во користењето на здравствена заштита. Станува збор за одбивање на здравствена услуга, откривање на медицински податоци пред трети лица, и навредлив и стигматизирачки однос во здравствена установа. Во два случаи, пациенти во болки биле вратени од универзитетска клиника или од приватна ординација само поради тоа што имаат ХИВ.

Платформата за ХИВ, која е сочинета од 14 граѓански организации, бара  од Владата да го зголеми буџетот за превенција, тестирање и лекување. Оттаму се надеваат дека буџетот на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за следната година ќе биде зголемен за најмалку 10 милиони денари

10 општини подготвени за оптимизација на училиштата
Конференција за социјално претприемништво на Младински сојуз