
Општините низ државата немаат статистички податок за тоа колку лица со попреченост има во нивните средини и колку семејства се засегнати од лицата со попреченост, беше еден од заклучоците на состанокот кој гоце.мк и универзитетските медиуми го одржаа заедно со лицата со попреченост, членови на нивните семејства и здруженијата.
Не можат да се креираат политики или да се донесуваат мерки без притоа да имате увид колку лица се засегнати од овој проблем. Бидејќи различно е да знаете колку лица со попреченост имате во државата, а различно е да имате увид колку семејства се засегнати со овој проблем и колку луѓе во тие семејства се засегнати, истакнаа од организацијата Дајте ни крилја.

Состанокот кој го одржа гоце.мк заедно со медиумите на УГД ги собра на едно место здруженијата, лицата со попреченост, луѓе кои работат со лица со попреченост, но и новинарите од регионот. Целта беше и новинарите да добијат информации кои ќе им помогнат во натамошните истражувања.
Планирам да работам приказна, овие организации имаат целосно друга перспектива од оние со кои досега имам разговарано, вели Весна Коловска, од Канал 77 која беше присутна на настанот.
На состанокот беа истакнати и многу други предизвици и проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост, како на пример целосната инклузија. Голем дел од учесниците истакнаа дека се против целосната инклузија на овие лица во образовниот процес. Потребно е да се изнајдат соодветни решенија и персонализирни решенија кои ќе дадат соодветни резултати, а не инклузија за сите и по секоја цена, беше истакнато на состанокот.
www.goce.mk ќе продолжи да ја следи темата и од овие предизвици ќе направи посебни приказни кои ќе ги сподели со јавноста.

Photo by Charles Deluvio on Unsplash