
Традиционално, по 13-ти пат оваа година ќе се одржат Ораторски вечери во соработка со Клубот на оратори ,,Rostra Vetera” при Правниот факултет на Универзитет ,,Гоце Делчев” – Штип. Ден кога младите може слободно без цензура, да зборуваат гласно и да ги кажат своите ставови, мислења, а воедно и емоции, задоволство или незадоволство од општествените случувања и времето во кое живеат.
,,Од една страна, ораторските вечери имаат улога да ја поттикнуваат слободната мисла и критичкото размислување во општеството, да ја замислат публиката, но и да ги охрабрат младите да се вклучуваат што почесто во јавниот простор и во креирање на општествениот дискурс. Од друга страна, ораторството е вештина која е исклучително важна како за личниот, така и за професионалниот развој на една личност, па оттука придобивки за самите учесници е тоа што учат како да се справат со трема, како да направат успешна презентација, да раскажат приказна и да задржат внимание, што како вештини се многу важни за секоја професија”- вели Асс. м-р Кристијан Панев на Правен факултет при Универзитет ,,Гоце Делчев” – Штип.
На Ораторските вечери, може да се пријават средношколци и студенти. Пред самиот јавен настап, претходат низа обуки кои им помагаат на кандидатите да се справат со тремата и себеси да се претстават во најдобро светло.
,,Младите – средношколци и студенти, можат да зборуваат на било која тема која ги засега, без разлика дали се тоа критики на општествени случувања, политики или лични приказни кои секојдневно ги живеат. Ваквата слобода која ја даваме на ораторските вечери е да ги охрабриме младите да зборуваат гласно и ослободено од било каков притисок или цензура” – вели Панев.
Во последните неколку години, голема е бројката и на пријавени средношколци, што претставува пријатно изненадување за организаторите. Добро е што младите уште од своите средношколски години се мотивираат јавно да го искажат својот став за актуелни теми и со тоа придонесуваат во општеството.
,, Општеството ме поттикна да се пријавам на ораторските вечери и да докажам дека и ние, средношколците исто како и студентите сме веќе изградени личности и имаме свој став и сакаме да го искажеме, но честопати немаме место каде нашиот став може да биде искажан, па затоа ова е одлична можност и ги охрабрувам сите средношколци кои исто така имаат што да кажат и што сакаат да бидат слушнати да се пријават наредната година и слободно да го искажат своето мислење” – вели Теа Барбашка, ученичка во СОУ ,, Славчо Стојменски” – Штип.
Секоја млада индивидуа која е пријавена за јавно говорење во својот говор има скриена порака која сака да ја пренесе на публиката и со тоа да придонесе за барем мала промена во општеството.
,,Мојата порака ја упатувам кон сите, не само кон Македонија, туку кон целиот свет и можноста некој да се препознае во мојата порака и да го промени она што јас го говорам, тоа е мојата цел” – вели Барбашка.
Кандидатите се соочуваат со голем број на предизвици, но настојуваат да ги надминат со помош на самите организатори и стручни лица кои имаат за цел, најпрво младите да се соочат со своите предизвици за подоцна да можат да ги надминат истите.
,,Еден од најголемите предизвици е креирањето на ораторскиот говор кој пред сè треба да биде јасен, концизен и разбирлив, а воедно и олицетворение на мојот став и мојата визуализација за катадневни теми од кои треба една да се истакне и обработи. Втор важен предизвик за мене е подготовката на начинот на претставување на говорот кој во никој случај не треба да биде проследен со трема, туку со вешто говорење, некаде доза на револт, а некаде и доза на емоции” – вели Мелани Иванова, студент на Правен факултет при УГД.
На ораторските вечери имаат можност да настапуваат најмногу 12 кандидати кои најдобро се покажале на обуките за јавно говорење. Се доделуваат три награди, две за најдобар говор на студент и најдобар говор на средношколец кои ги избира комисијата и се доделува една награда од страна на публиката. И покрај тоа што се избираат тројца победници , успешноста на настанот не се мери преку наградите.
,,Успешен настап на ораторски вечери не значи секогаш победа. Победата е само показател дека еден се истакнал најдобро. Успешноста за мене е задоволството кај мене самата, контактот со публиката и пробуденото чувство кај секое битие кое ќе го слушне мојот говор, како и можноста преку мојот став да поттикнам промени во општеството за јас и сите ние, младите, да создадеме подобар свет каде ќе бидеме лидери на нашето време, во нашата земја”, вели Иванова.
Ораторските вечери оваа година ќе се одржат на 27 март во Мултимедијален центар при УГД, секој може да присуствува и да ги слушне овогодинешните оратори или истите да ги следи преку директниот пренос којшто ќе го прави Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.