
Министерството за образование и наука (МОН) апелира до училиштата да не им доделуваат на учениците стари и оштетени учебници, туку тие да бидат навреме пријавени во електронскиот систем на министерството, за да бидат заменети со нови до почетокот на учебната 2025/2026 година.
На денешната прес-конференција, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека се обезбедени буџетски средства за навремена набавка и замена на неупотребливите книги.
„Нема потреба учениците и родителите да бидат разочарани. Училиштата имаат комисии што лесно можат да утврдат дали некој учебник е за употреба. Оштетените примероци не треба да се враќаат во библиотечниот фонд, туку да се пријават до Педагошката служба“, рече Јаневска.
Таа најави дека и оваа година ќе се печатат нови работни учебници за учениците од прво до трето одделение, а учениците од седмо одделение ќе добијат нови со надградена содржина, поради променетите наставни програми.
Учениците во основното образование ќе добијат учебници и по странски јазици – англиски, француски, германски и други.
Новите учебници ќе ги добијат и дел од учениците во гимназиското и средното стручно образование. МОН годишно издвојува околу 660 милиони денари за набавка на учебници.