ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.09.2026
Отворен повик за млади истражувачи: Награда од 1.000 евра за најдобар есеј
Автор: Goce Author

Млади државјани на Македонија, на возраст од 18 до 30 години, до 6 септември 2026 година можат да пријават истражувачка идеја на повикот за Наградата за млади квантитативни умови „Славица Тодоровска – Цаци“.

Повикот четврта година по ред го организира Здружението за истражување и анализи ЗМАИ. Кандидатите можат да учествуваат индивидуално или во авторски тим составен од две лица.

За пријавување не е потребен готов истражувачки труд. Учесниците треба да достават апстракт од најмногу 250 зборови, во кој ќе го претстават истражувачкото прашање, неговата важност, податоците што планираат да ги користат и предвидениот пристап кон анализата.

Предложените идеи треба да бидат релевантни за Македонија и да се однесуваат на една од трите области: младинскиот стандард и економската независност, формалното образование и можностите што ги нуди вештачката интелигенција или менталното здравје и дигиталниот свет.

Од пристигнатите пријави ќе бидат избрани најмногу десет финалисти. Тие ќе учествуваат на работна сесија и ќе добијат менторска поддршка за развивање истражувачки есеј од 1.500 до 1.800 зборови, заснован на квантитативна анализа.

Финалните трудови треба да бидат поднесени до 10 октомври, а добитникот ќе биде објавен на 20 октомври 2026 година. Авторот на најдобриот есеј ќе добие награда од 1.000 евра, додека финалните трудови ќе бидат објавени во заедничка публикација на ЗМАИ.

Наградата е востановена во чест на Славица Тодоровска – Цаци, соосновачка на ЗМАИ.

Пријавувањето е достапно на zmai.mk/konkurs2026.

Извор: Радио МОФ

Национална младинска летна школа – повик за учество
Студенти и млади археолози од 4 држави истражуваа на локалитетот во близина на Св. Николе