
Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ од Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited (Њујорк) и Trust for Mutual Understanding (Њујорк), објави отворен повик за наградата ДЕНЕС 2025, наменета за млади визуелни уметници и уметнички од Северна Македонија на возраст до 35 години.
Наградата се доделува еднаш годишно за истакната и тековна уметничка практика која демонстрира критичко и естетско размислување и дејствување. ДЕНЕС е единствена награда од овој вид во земјава, а ова е нејзино деветнаесетто издание.
Освен двомесечниот престој за уметници во Residency Unlimited во Њујорк (февруари–март 2026), добитникот ќе има можност да учествува и во едукативната програма „Совршениот уметник“, да соработува со меѓународна жири комисија, како и да развие ново уметничко дело кое ќе биде претставено на изложба со другите финалисти.
Повикот е отворен од 17 април до 31 мај 2025 година
Апликациите треба да бидат пополнети на македонски и англиски јазик
Нецелосни и задоцнети пријави нема да се разгледуваат
Финалистите ќе бидат објавени на 9 јуни 2025 година
Изложбата со делата на финалистите ќе се отвори на 2 декември 2025 година во Чифте амам – Националната галерија на Северна Македонија
Аплицирањето е отворено за сите млади визуелни уметници од државата кои ги исполнуваат критериумите. Повеќе информации за повикот, критериумите и начинот на аплицирање се достапни на веб-страницата: www.akto-fru.org или преку електронска пошта: nagradadenes@gmail.com.
Досегашни добитници на наградата се: Марко Гутиќ Мижимаков, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Борис Петровски, Ана Ивановска, Кристина Божурска и други.