
Донесени се измените во Законот за субвенциониран студентски оброк. Предвидени се нови начини околу користењето на оваа мерка. Сега студентот доколку не го искористи правото на субвенциониран оброк во некој од деновите, истиот износ ќе биде достапен до крајот на тековната седмица, се до сабота.
Ова би значело дека оброкот ќе може да се користи неделно. Средствата што студентот нема да ги искористи од понеделник до петок, ќе може да ги искористи најдоцна до сабота истата седмица.
На овој начин, доколку, на пример, не ги искористи средствата во работните денови, студентот во сабота на својата специјализирана картичка на располагање ќе има акумулирани 840 денари (6 дена по 140 денари – во случај да не искористи ништо во текот на неделата). Доколку не ги потроши во сабота, парите веќе во недела или понеделник следната седмица нема да може да ги користи.
Измените стапуваат на сила од 1 март.
Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк во Собранието беа предложени на иницијатива на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.