
Матеа Анакиевска од Факултетот за природини и технички науки и Даниел Цоневски од Факултет за информатика при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, се едни од 15-те добитници на признанието „Инженерски прстен“ за 2024 година. Признанието е доделено од страна на Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на церемонија што се одржа кај црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид.
Најдобрите дипломирани студенти, Матеа и Даниел, се согласни дека ова признание за нив претставува голема чест и привилегија, како и доказ за нивниот труд и посветеност во текот на студиите. „Инженерскиот прстен“ е и дополнителна мотивација за нив за надоградба и развој на успешна кариера.
Љубовта кон инженерските науки потекнува од нивната љубопитност, но и желба за решавање на комплексни проблеми.
„Желбата да бидам дел од генерацијата која ќе донесе нови научни откритија и промени го привлече моето внимание да се запишам на факултет кој нуди современа и разновидна наставна програма која ми овозможува да ги развивам моите идеи и интереси. Изборот за геологија го направив уште во средношколските денови и се заснова на мојата љубопитност и заинтересираност кон природните науки. Процесот на студирање е динамично искуство на учење и развој, кое подразбира активно истражување, практични активности и вештини за решавање на проблеми.“,вели Матеа.
Според Даниел пак:
„Љубовта кон инженерските науки произлегува од мојата фасцинација за тоа како работат различните технологии и како можат да се користат за да се решаваат реални проблеми. Најголемиот предизвик, а воедно и вештина е наоѓање на најефикасното решение за проблемите со кои се соочуваме. Инженерските науки нудат можност за креативно размислување, решавање на предизвици и креирање на нови производи и услуги кои можат да имаат значително влијание во светот околу нас. Верувам дека стекнатото знаење и искуството ќе продолжам да го применувам кон решавање на ваквите проблеми сѐ со цел подобрување на светот во кој живееме.“
Менаџирањето на времето е една од главните одлики на успешните инженери
Покрај трудот и посветеноста во текот на студиите, клучен момент е и умешноста за балансирање на социјалниот живот и времето. Според дипломираните студенти, доброто менаџирање на времето е важно и за зачувување на нивното ментално здравје и социјалните конекции.
„Успехот бара многу труд, одговорност и континуитет што значи дека со добра организација и менаџирање на времето може да се постигне баланс помеѓу обврските и социјалните конекции. Правилно поставување на приоритетите и ефикасно планирање води кон успех без целосно занемарување на личните интереси.“, вели Матеа.
Признанието „Инженерски прстен“ е поттик за продолжување со едукацијата и градење на успешна кариера.
„Добиеното признание за секој од нас треба да биде еден вид на обврска која ќе не потсетува да се стремиме да биде успешни инженери. Како и до сега, патот до ова најпрестижно признание на еден студент бил поплочен со многу труд, работа, посветеност, така и во иднина треба да продолжиме со истата енергија и фокус кон повисоки цели и достигнувања.“, вели Даниел.