

Пандемијата дефинитивно остави трраги во сите области, променети се многу од нашите навики, рутини, но и животот во целина. „Академија Еуроарт“ направи истражување на оваа тема кое се однесува на една специфична област – младинскиот активизам во културата и неформалното образование.
,,Главна цел на истражувањето беше да се даде одговор на прашањето ,Како пандемијата влијае на младинскиот активизам во областите на културата и неформалното образование во општините Штип и Карбинци? Во основата ја поставивме хипотезата дека поради пандемијата, младинскиот активизам е значително опаднат во последниве две години”, вели Милена Ристова-Михајловска од АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ.
Во рамки на спроведената анкета биле опфатени организации со различна област на дејствување.
,,Некои од организациите се занимаваат со фолклор, други се насочени уметнички со акцент на литературата и уметноста, други кон спортот и сл. Важно е дека сите тие организации работат со млади. На ваков начин ја воочивме вклученоста на младите и направивме разлика меѓу пандемиска година и година без пандемија”, истакнува Петар Стојанов, анкетар.
Анкетирањето и прибирањето податоци се состоеле од два дела.
,,Преку непосредни интервјуа со раководителите и стандардизиран ,онлајн’ прашалник за членови на граѓански организации, успеавме да го оствариме анкетирањето. Не наидовме на никакви проблеми, туку напротив – на отвореност од страна на испитаниците”, рече Милена Милорадова, анкетар.
По истражувањето и анализите, добиен е широк спектар на резултати.
,,Издвојуваме дека најпопуларните активности помеѓу младите во 2021 година биле креативните работилници, предавањата и видео-презентациите. Оттука препознаваме три начина за вклученост на младите и тоа: ,онлајн-активности’, активности со физичко присуство во затворен или отворен простор (прoмоции, изложби, работилници, конференции и сл.) и активности со физичко присуство во природа како штон се спортските активности, а тие се секогаш актуелни“, потенцира Ребека Спасова, една од учесничките во проектот.

Младите дале и свои мислења во врска со механизмите за нивно активирање.
,,Поголема афирмација на организациите за да знаат младите за нивното постоење, работилници за млади што се важни за личниот развој и наградни конкурси за искажување на сопствените вештини и таленти – ова се трите главни механизми до кои дојдовме преку оваа анализа”, потврдува Анастасија Петрова, уште една од учесничките во проектот.
Истражувањето резултира со издадена публикација, а во рамки на Проектот за јакнење на капацитетите на граѓанските организации на Центарот за јавни политики ЗМАИ.
Инаку, АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ беше вклучена во овој проект во периодот октомври 2020 – октомври 2021 како една од 20-те избрани организации во конкуренција од над 70 апликанти.
Истражувањето може да го погледнете на линкот: