ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.09.2025
Пастрмајлијада во Штип – во фокусот Дино Мерлин
Автор: Goce Author

Пастрмајлијада – Штип по 17 пат ќе собере љубители на штипскиот специјалитет и на добрата забава и секако Дино Мерлин.

Со сечење на џиновска пастрмајлија започна 17-то издание на штипската Пастрмајлијада, манифестација која се организира секоја година во знак на штипскиот специјалитет. Свечениот почеток беше на штипското шеталиште, каде ќе се организираат дел од забавно – музичките активности во петок и сабота.

Главниот настан секако е концертот на музичката ѕвезда Дино Мерлин. Тој ќе се одржи на градскиот стадион во Штип, во сабота, со почеток во 22 часот. Пред него на сцената ќе настапат и Елена Ристевска и Владо Јаневски.

На шеталиштето во Штип петок е резервиран за настапи на градскиот хор, настапи на децата од детските градинки и училиштата во Штип. Во вечерните часови свој настап ќе имаат Зоран Илиев, Александар Тодоровски и No End. Во сабота исто така ќе има музичка програма, како и понуда на штипска пастрмајлија на штандовите кои се поставени на шеталиштето.

Настанот кој најмногу привлекува внимание на годинашната Пастрмајлијада, концертот на Дино Мерлин, се очекува да привлече голем број на посетители. Веќе со недели се најавува организиран превоз од многу градови, а организаторите најавуваат бројка од 100.000 посетители.

Концертот е бесплатен, а во поглед на организацијата околу пристигнување на публиката, градот организира паркинг места на влезовите во Штип. Од тие места, автобусите на јавниот градски превоз бесплатно ќе возат до центарот на Штип и до стадионот, каде што ќе се одржи концертот.

Се најавува дека настапот на Дино Мерлин на Пастрмајлијадата ќе чини повеќе од 100.000 евра, но опд друга страна, се очекува и голем финансиски бенефит за самиот град и за угостителскиот сектор.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?