ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
30.11.2021
Пазарење со хартиени или платнени торби, пластичните ќесиња заминуваат во историја?

Ќе заминат ли пластичните ќесиња во историјата? Контроверзни реакции ја следат оваа најава уште од самото објавување, иако декларативно сите се согласуваат дека пластичните ќесиња имаат огромен придонес во загадувањето на животната средина. Така, како се приближуваше овој 1 декември, се повеќе се појавуваа реакции кои не одат во прилог на таа декларативност – се отвораа сомнежи во исправноста на таквата одлука, со образложение дека трговијата и бизнисот ќе трпат, дека 15 денари за биоразградлива ќеса е многу, дека ќе пропаднат фирмите кои произведуваат ќесиња, па како ќе се пакуваат рибата, зеленчукот….

Ова само покажува дека навистина во денешно време е прилично тешко да се сменат навиките на граѓаните и на бизнисот, колку од тоа и да зависи во каква животна средина ќе живееме. На сите нас во сеќавање ни е дека во еден период делуваше забрана за користење на ќесињата , но сосема кратко се почитуваше таа забрана, и потоа некако премолчано, полека, ама ептен сигурно, ќесињата си се вратија во „игра“. Како ќе биде сега, кога во употреба може да бидат само биоразградливи ќесиња, кои ќе чинат 15 денари, не е лесно да се претпостави, иако е јасно дека има многу отпор и многу реакции.

Што всушност предвидува Законот за управување со пакување и отпад од пакување за оваа новина?

Од 1 декември 2021 г. (среда) стапува на сила обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.

Овој Закон предвидува:

– Се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија.

–  Се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија.

–  По исклучок од ставот (1) на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки ( чијшто дебелина  е пониска од 15 микрони).

– Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници од ставот (3) на овој член за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба ( надоместокот е со вклучен ДДВ).

– Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „ загадувачот плаќа”.

– Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Напоменуваме дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон,  а пропишани во 2013г.

Дали оваа новина ќе се оствари во реалност, ќе покажат деновите што доаѓаат, во кои, на пазарење ќе одиме со хартиени или платнени торби. А во меѓувреме, ќе се прашуваме што ќе биде следно – можеби пластичните шишиња, кои се исто така тешко разградливи, а се задолжителен декор насекаде околу нас, а најмногу кога ги носат надојдените реки, собирајќи ги од крајбрежјето – онаму каде сите ние , онака, еколошки ги фрламе.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?