
Како пост Ковид19 се јавуваат различни промени, вклучувајќи: промени на кожата, црвенило, осип, лезии или опаѓање на косата во акутната фаза на болеста или во подоцнежниот период.
„Документирање на кожните симптоми поврзани со Ковид 19 е важен дел од сложувалката во градењето на нашето разбирање за болеста. Симптомите на кожата може да имаат клучна улога во откривањето на инфекцијата кај луѓето кои инаку се асимптоматски со што би придонеле за спречување на понатамошна трансмисија”, истакна асс. д-р Ивана Дохчева Карајованов.

Кожните симптоми се последица на вирусна инфекција, која предизвикува васкулопатија, односно промени на крвните садови, кои може да се јават и како последица од имуниот одговор на домаќинот. Се смета дека овие промени може да бидат поврзани и со третманот.
Во акутната фаза на Ковид19, односно во текот на првите 28 дена од болеста, евидентирана е појава на различни видови на кожни промени.
Најчесто се сретнува морбилиформен неспецифичен осип на задникот, долниот дел од стомакот и бутовите, при што две третини од пациентите се жалат и на чешање.
Црвенила налик на смрзнатини со папули или меури, кои се јавуваат на прстите на стапалата или на рацете, проследени со болка, печење, понекогаш и чешање, почесто се сретнуваат кај деца и млади пациенти. И двете промени може да изгледаат драматично за пациентите, но сепак се јавуваат кај полесни форми на болеста и поминуваат без посебна медикаментозна терапија.
Пациентите со средно-тешка клиничка слика на Ковид19 може да манифестираат уртикарија која чеша, осип што личи на сипаници или точкести дамки на задникот, бутовите и зад колената.
Опаѓање на косата во пост-ковид периодот е најчестиот симптом кој ги вознемирува пациентите и кој влегува во групата на пет најчести долготрајни ефекти од Ковид19.
„Може да заклучиме дека опаѓањето на косата е честа појава кај хоспитализираните пациенти со Ковид19 во фазата на заздравување на болеста, односно до три месеци по отпуштање од болница со овој проблем се соочиле 30 пациенти (28.8%) од оние кои се опфатени во студијата. Почесто се јавува кај жените отколку кај мажите, а просечно траење на проблемот е околу 3,5 месеци. Пациентите добиваат совети за третман и терапија за побрзо смирување на симтомите, кои може да се состојат во препарати за локален третман, суплементарна терапија, медицински шампони или маски за коса”, објасни асс. д-р Дохчева Карајованов.