ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
24.04.2023
Пет месеци по констатираните грешки, учебникот „Историја и општество“ сè уште е во употреба
Автор: Goce Author

Новиот учебник по предметот Историја и општество за петто одделение, сè уште се користи во наставата, иако уште од средината на декември лани, беа констатирани низа неточни информации и нелогичности. Иако за овој учебник реакциите во јавноста беа големи и имаше најава од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири дека ќе биде повлечен ако се утврдат повеќе од 30 отсто грешки, учениците сè уште учат од него. Токму за ова, но и за тоа дека одбиваат да учествуваат во подготовката на наставната програма по историја за шесто одделение, денеска реагираа членовите на Здружението на историчари на Македонија.

Оттаму оценуваат дека сериозни се штетите причинети од Концепцијата за основно образование и затоа категорично бараат од Министерството за образование и наука (МОН) да стави мораториум на Концепцијата и под итно да се организира широка јавна дебата.

„Поднесовме барање да се повлече учебникот по новововедениот предмет Историја и општество за V одделение. Истото го поткрепивме со критичка анализа на 30 страници, во која нотиравме 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла, при што предупредивме дека истите ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста. Јавно прашуваме, дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30 проценти“, наведено е во реакцијата на Здружението.

Во меѓувреме, потенцираат оттаму, додека не се подготви и усвои нова Концепција, бараат да се продолжи со досегашните наставни програми, за да се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем за граѓаните и државата.

„Најновата актуелна состојба предизвикана од отсуството на историјата во наставните програми за шесто одделение, за нас како Здружение на историчари воопшто не е изненадување. Ние како историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на Концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки
се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија“, наведено е во реакцијата.

Членовите на Здружението велат дека со примената на Концепцијата, историјата се маргинализира и деградира и со тоа се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава.

„Во Европската унија, каде како демократска држава припаѓаме и чии фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата“, потенцираат во Здружението на историчари.

Оттаму велат дека застануваат во заштита на колегите наставници, чии работни места се доведени во прашање, поради кратењето на бројот на часови по историја, а што е предизвикано од новоконципираните наставни планови и програми.

Извор: Мета.мк

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?