
Данела Арсовска, независниот кандидат за градоначалник на Скопје, на синоќешните избори прогласи победа. Во своето обраќање, Данела им се заблагодари на своите скопјани за довербата. Им најави трансформација на град Скопје во чист, модерен и зелен град. Со работа ќе започне уште првиот ден, а дел од ветените проекти ќе ги реализира уште во првите 82 дена од мандатот.
Не можам да изразам колку ми значи што сите вие скопјани ја поддржавте мојата визија и ги поддржавте моите проекти, што ги имав во оваа кампања. Меѓутоа, пред се’, што одбравте да верувате на човечноста, што истакнавте дека сте против црните кампањи и што ми ја дадовте вашата доверба во следните четири години, да го водат градот Скопје и да бидам ваш човек во градот. На мое големо задоволство истакнувам дека за првпат во 30 години независна Македонија, Скопје има жена за градоначалник, истакна Арсовска.

Данела Арсовска го победи досегашниот градоначалник, Петре Шилегов, со околу 30.000 гласови разлика. Шилегов, пак, ѝ ја честиташе победата на Арсовска.
На ниво на цела држава има само една општина која ќе ја води жена тоа е Старо Нагоричане, таму градоначалничка е Жаклина Јовановска.
Во 2013 година беа избрани 4 жени градоначалнички, додека најмногу градоначалнички , 6 имаше на минатите локални избори во 2017.