После предлог измените кои предизвикаа бурни реакции меѓу студентите, денес на средбата со претставниците на студентските собранија и државните претставници дојде до компромис во врска со исплатата на студентиот оброк.
На средбата присуствуваа премиерот Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири како и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Мирко Наџаков , предлог законот од група пратеници кои содржеше измени во однос на прашањето кои студенти немаат право на субвенциониран студентски оброк беше во целост одбиено од страна на сите универзитетски собранија.
На крај , одлучено е претходниот закон кој важеше досега, повторно да биде донесен и да важи до 15.3.2023г. Односно да се даде износ од 120 денари дневно за студентски оброк доколку студентот ги исполнува условите кои важеа и за претходната година.
Во условите се бара студентот:
• да не биде во редовен работен однос,
• да не е регистриран како индивидуален земјоделец
• да нема месечен приход поголем од минималната плата
Исплата на средствата за октомври и ноември треба да е најдоцна до 15.12 оваа година.
После 15.3.2023 се очекува да стапи во сила новиот закон според кој на студентите ќе им се дава износ од 140 денари дневно кои ќе може да ги искористат кај регистрирани угостители кои оброците ќе ги даваат за пониски цени на студентите.
„Од утре, Министерството за образование заедно со претставници на студентски собранија ќе формираат комисија која ќе работи на новиот предлог закон за субвенциониран студентски оброк кој ќе почне да важи од 15.3.2023 година. Не сакаме да шпекулираме што ќе има во новиот закон, но можам да кажам дека ќе биде со поусовршени решенија исклучиво во полза на студентите и без нивна категоризација, што впрочем беше предложено. “, вели Наџаков.
Свој став во врска со новите измени дадоа и организацијата на студенти на медицина-СОМА при УГД-Штип.
„Со новите измени делумно се покриваат правата на студентите и сметам дека не е коректно и правилно до одреден период во годината да се зема износ од 120 денари, а потоа од март да се зема по 140 денари поради економската состојба и инфлацијата која ја засега државата а воедно и светот. Сите намирници потребни за исхрана се поскапени и сметаме дека со целосното поскапување, ваквиот износ укажува на тоа дека нема доволно обезбедени средства за студентите. Воедно дискриминацијата меѓу студентите сѐ уште постои бидејќи нема изедначување на стипендиите од прехтодните години.“, вели претседателот на СОМА, Стефан Мишовски.