
Здружението за еднакви можности Мрежа Стела во рамките на проектот „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“ како дел од билатералната програма за субгрантирање на женски граѓански организации спроведувана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство со финансиска поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation го промовираше документот за политики „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“.

Жените во Северна Македонија имаат повисоки стапки на невработеност, особено оние од руралните средини. 18.634 жени од руралните средини во нашата земја се најголемиот број на неплатени семејни работници во 2021 година . Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Постојат големи разлики во платите меѓу мажите и жените, дури и кога се работи за исти позиции и исти квалификации.
Наташа Димова, претседателка на Мрежа Стела и ко-авторка на документот, во рамки на неодамнешната панел дискусија презентираше предизвици со кои се соочуваат жените и девојките во Македонија при вработувањето и при искористување на активните мерки за вработување и/или отпочнување сопствен бизнис.
Најголемите предизвици според одговорите на интервјуата се:
– Недостатокот на пристап до менторство и професионални мрежи;
– Ограничени можности за обука и усовршување;
– Недоволна информираност за постоечките мерки и бирократски пречки во процесот на аплицирање;
– Недостаток на приспособена поддршка за специфичните потреби на жените;
– Мерките се ограничувачки (ниво на образование, поседување на имот, враќање на средства, бришење од евиденција на невработени).
Препораките и заклучоците Наташа Димова ги презентираше во однос на тоа што може да се направи веднаш, но и кои се долгорочните стратешки цели.
– Да се стави приоритет на индивидуалните потреби и спецификите на жените и девојките;
– Едноставни и лесно разбирливи мерки, пропратени со едноставен процес на аплицирање и соодветна менторска помош;
– Промоција на флексибилни работни услови;
– Засилени инспекциски надзори и имплементација на законски регулативи;
– Финансиски стимулации за отварање компании и компании што вработуваат жени.
Семејното насилство врз жените и девојките од 2021 до 2023 година е зголемено за 176%
Долгорочни стратешки цели:
– Покрај јавни кампањи, неопходен е и системски пристап за надминување на родовите стереотипи, предрасуди и патријархални сфаќања;
– Реформа на образовниот систем во насока на прмовирање програми за развој на претприемачки вештини и охрабрување на девојките да се вклучат и во STEM;
– Воспоставување и постоење на подолгорочни менторски програми;
– Инвестирање во инфраструктура за грижа на деца и постари лица.
Целта на проектот е да се направат долгорочни стратегии за подобрување на состојбата на жените и девојките при вработување и олеснување на предизвиците со кои се соочуваат на работните места, како и претставување на еднакви можности и насоки за искористување на постоечките политики и подобрување на сегашните.
Проектот е поддржан од шведската Фондација Kvinna till Kvinna, имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.