
„Меѓународното право треба да ги постави границите на политичката и воената моќ, но во светот на интереси, војни и двојни стандарди, тие граници не секогаш важат подеднакво.“- Маја Ќосева, дипломиран правник по меѓународно право и меѓународни односи, верува дека промените сè уште се можни, но не без гласот на младите.

Кога една држава ги прекршува правилата, а друга за истото дејствие се соочува со последици, проблемот не е само во прекршувањето на правото. Проблемот е во довербата дека правото воопшто важи подеднакво. Во меѓународната политика, каде што моќта често го диктира темпото на одлуките, правдата се соочува со еден од своите најголеми тестови – да докаже дека не е привилегија на оние што можат да ја наметнат, туку принцип што важи и за оние што не можат.
Токму од оваа перспектива, меѓународното право не е само избор на професија, туку начин да се разбере светот во кој политичките одлуки имаат последици врз човечки животи. За Маја Ќосева, дипломиран правник на програмата International Law and International Relations при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, интересот за правото е поврзан и со случувањата во Македонија, особено со односот кон младите и условите во кои тие се обидуваат да го изградат своето образование и иднина.
„Ние сме идната генерација што ќе треба да ги лекува, да им гради нови станбени згради, да ги брани и да ги претставува во најдобро светло надвор од нашите граници, а сме третирани спротивно од тоа“, вели Ќосева.
Студентскиот оброк, сместувањето, загадувањето и основните услови за живот, според неа, се прашања што не треба да се третираат како повремени проблеми, туку како дел од правата што треба да бидат гарантирани. Таа смета дека општеството очекува од младите да ја преземат одговорноста за неговата иднина, без притоа секогаш да им ги обезбеди условите да се подготват за таа улога.

„Не бараме многу, бараме тоа што ни е неопходно да ги завршиме студиите и постдипломските студии“, посочува таа, додавајќи дека правото на човекот подразбира фундаментални принципи кои, според неа, сè уште не се применуваат доволно.
Меѓу нив го издвојува и правото на чиста животна средина – право што, во земја во која загадувањето повторно станува дел од зимското секојдневие, тешко може да остане само правна формулација.
Но, ако правото не успева секогаш да ја заштити индивидуата во сопствената држава, колку може да направи на глобално ниво, каде што неговото спроведување зависи од односите меѓу државите? Меѓународното право предвидува механизми за одговорност, но нивната примена не е секогаш едноставна, особено кога станува збор за држави со голема политичка или воена моќ.
Војните во Украина и Палестина, како и бројните цивилни жртви и хуманитарни кризи, за Ќосева се примери што ја отвораат дилемата за тоа колку меѓународните принципи навистина се применуваат.
Криминал наместо кариера: Што ги носи младите во Македонија на погрешната страна на законот?
„Меѓународното право треба да важи за сите еднакво, без разлика на големината и моќта на државата“, вели таа.
Двојните стандарди, според неа, постојат токму затоа што државите немаат еднакво влијание. Малите држави често се наоѓаат во позиција во која мора да ги почитуваат правилата, додека поголемите располагаат со повеќе инструменти за да ги обликуваат политичките процеси во своја корист. Во такви услови, дипломатијата станува еден од ретките начини преку кои држави како Македонија можат да ги зачуваат сопствените интереси.
Но, дипломатското прилагодување не треба да значи губење на сопствениот став. Ќосева смета дека преку сојузи, меѓународна соработка и внимателно поставување на националните приоритети, малите држави можат да создадат простор за влијание, без да се откажат од принципите што ги застапуваат.
Сепак, конфликтите денес не се водат само на бојното поле. Информацијата, пропагандата и дезинформациите стануваат сè поважни инструменти во обликувањето на меѓународните односи. Јавното мислење може да биде насочено, политичките одлуки влијаат врз довербата, а границата меѓу вистината и манипулацијата станува сè потешка за препознавање.
„Информацијата денес е силна моќ, бидејќи може да влијае врз јавното мислење, политичките одлуки и односот меѓу државите. Дезинформациите и пропагандата можат да создадат недоверба, страв и конфликт дури и без употреба на физичка сила“, објаснува Ќосева.
Во свет во кој неправдата секојдневно се пренесува преку екраните, постои и опасност од нејзино нормализирање. Страдањето на цивилите, повредите на правата на децата и насилството постепено стануваат дел од информацискиот шум во кој секоја нова трагедија ја заменува претходната. Таа, сепак, верува дека луѓето почнуваат да се освестуваат, да ја препознаваат средината во која живеат и да преземаат мерки, наместо да останат пасивни набљудувачи.

Студирањето на оваа област, вели, те прави поскептичен. Кога ќе почнеш да ги разбираш интересите што стојат зад одлуките, промените повеќе не изгледаат едноставни ниту брзи. Но, скептицизмот не мора да значи отсуство на надеж.
„Не треба да се губи надеж. Токму нас младите треба да го задржиме оптимизмот и вербата дека преку дијалог и останати проекти може да се има позитивни резултати“, вели таа.
За Ќосева, младите не треба само да се подготвуваат за моментот кога ќе бидат дел од системот, туку треба да добијат можност да влијаат врз него и додека се во процесот на образование. Нивното учество во донесувањето одлуки може да донесе нови перспективи, да отвори прашања за законите и правата и да придонесе кон општество што подобро ги одразува потребите на граѓаните.
Иако постдипломските студии ги продолжува во Солун, нејзините размислувања се насочени и кон тоа каква иднина им нуди Македонија на младите кои се образуваат за меѓународни прашања. Просторот за нивно делување, смета таа, треба да биде поголем, а нивниот глас посериозно слушнат.
Можеби меѓународното право не може да ја надмине моќта во секоја ситуација. Можеби дипломатијата понекогаш е повеќе вештина на опстанок отколку на победа. Но, ако правдата се мери само според тоа колку често е спроведена, тогаш се заборава и нејзината друга улога – да постави граница што никој не смее да ја премине без да биде повикан на одговорност.
А таа граница не ја чуваат само институциите. Ја чуваат и луѓето што одбиваат да прифатат дека неправдата е неизбежна, дека моќта е секогаш во право и дека младите треба да чекаат нивниот ред за да бидат слушнати.